останато

Оливера Наковска Бикова е нов светски првак во стрелаштво

Македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова, предводена од нејзиниот тренер Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски, го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин. Наковска Бикова беше најдобра и ја освои титулата светски шампион во дисциплината П4-Пиштол слободен избор.

Во квалификациите Оливера испука одличен резултат од 538 (најдобар во нејзината кариера) со што го освои второто место и си обезбеди пласман во финалето.

Во самото финале, Оливера по првите пет истрели се најде на второто место на табелата, а веќе по завршување на втората серија од пет истрели ја презеде лидерската позиција и успеа да оди до крај, до последниот куршум, иако финалето беше драматично и мошне квалитетно.


Фетел не ја исклучува можноста за враќање во Формула 1

Четирикратниот шампион во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел, во изјава за германските медиуми вели дека не ја исклучува можноста да се врати на настапите во Ф1, откако претходно најави дека ова е негова последна сезона во кариерата.

Фетел својата последна трка ќе ја има во Абу Даби, а како главна причина за повлекувањето од Ф1 ја наведува желбата за поминување повеќе време со семејството и можноста да започне некои нови проекти.

„Во моментот мојата одлука е да престанам со тркањето во Формула 1, но можеби за година или две ќе имам поинакви размислувања и не можам да исклучам враќање на трките во иднина“, изјави Фетел.


Расел од Мерцедес ја оствари својата прва победа во Формула 1

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, е победник на Формула 1 трката за Големата награда на Бразил, со што ја забележа својата прва победа во шампионатот.

Расел после спринт трката, победи и во главната трка на патеката Интерлагос, а второто место му припадна на неговиот тимски колега Луис Хамилтон. Како трет на целта пристигна Карлос Саинц од Ферари.

Последната трка во сезоната се вози наредната недела во Абу Даби.


ФИС го измени календарот за Светскиот Куп во крос-кантри

Високите трошоци за енергија ги натераа италијанските организатори да ги преместат трките од Светскиот куп во крос-кантри скијање од центарот на Милано во планинското одморалиште Ливињо, соопшти ФИС.

Италијанската федерација за крос-кантри скијање соопшти дека организирањето на спринтерските трки на 21 и 22 јануари ќе бара премногу енергија за производство и складирање на вештачки снег со оглед на очекуваните високи температури.

ФИС изврши увид на патеката во Ливињо и ја одобри програмата која ќе се одржи на 21 јануари.


Хамилтон стана почесен граѓанин на Бразил

Повеќекратниот Формула 1 шампион, Британецот Луис Хамилтон ја доби титулата почесен граѓанин на Бразил.

Церемонијата за доделување на признанието се случи во бразилскиот парламент, а во пресрет на одржувањето на Ф1 трката за Големата награда на Бразил.

Хамилтон изрази голема благодарност до бразилскиот народ за добиената чест што ќе биде државјанин на земјата од каде потекнува неговиот идол Аиртон Сена.


Легендата Карпов хоспитализиран со повреда на главата

Поранешниот шаховски светски првак, Анатолиј Карпов се здобил со повреда на главата по пад во влезот од својот дом. Неговата сопруга за руските медиуми соопшти дека Карпов се здобил со повреда на главата и е во болница во Москва.     

„Во саботата го напуштивме влезот со него. Се лизна и падна. Кога стана, куцаше. Мислевме дека ја повреди нога. И отидовме во болница. Таму го задржаа. Му рекоа, дека нешто не е во ред со главата и дека има мал хематом. Според моите информации тој е свесен и не е многу страшна повредата. Треба да биде на опсервација три дена. Се надевам дека се работи за обична повреда“, изјави Наталија Буланова. 

Од друга страна, „Известија“ објави дека Анатолиј Карпов е приклучен на апарати и е во вештачка кома поради дијагностициран церебрален едем, скршеници и повеќе хематоми на главата. Покрај тоа, неговата состојба е комплицирана и од хронични заболувања.


Ледецки нова светска рекордерка на 1.500 метри слободно

Американската пливачка Кети Ледецки постави нов светски рекорд во кратки базени во дисциплината 1.500 метри слободен стил, испливувајќи ја патеката на ФИНА Светскиот куп во Торонто за речиси десет секунди побрзо од досегашното најдобро време кое беше во сопственост на Германката Сара Велброк.     

Ледецки, која во кариерата има освоено десет олимписки медали, ја исплива патеката во време од 15:08.24 минути, што беше за повеќе од 40 секунди побрзо од второпласираната Беатриз Дизоти од Бразил (15:48.82). 

„Ова беше прв пат да пливам во оваа дисциплина во кратки базени и не знаев што да очекувам“, изјави Ледецки, која е актуелна олимписка и светска првенка на долги патеки.


Мексиканското гран-при останува во календарот најмалку до 2025 година

Големата награда на Мексико останува дел од календарот на Формула 1 и во следните три години, откако Ф1 објави дека е продолжена соработката до 2025 година.

Во пресрет на гран-прито викендов во Мексико сити, каде се очекува 350.000 луѓе во три дена од утрешните слободни квалификации до неделната трка е потпишан договорот за продолжување на соработката, а откако во 2015 година повторно се врати тркањето во Мексико, настанот е исклучително популарен со просек од 300.000 гледачи на гранпри викендите.

„Многу сум среќен што ја продолживме соработката и што болидите ќе се тркаат во Мексико и во следните три години. Секоја година е сè повозбудливо, навивачите се страстни, сè повеќе има навивачи на трките“, рече првиот човек на Ф1, Стефано Доминикали.


Верстапен славеше на трката во Мексико

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, е победник на трката во Формула 1 за Големата награда на Мексико. За Верстапен ова беше 14.триумф оваа сезона, со што ги надмина Михаел Шумахер и Себастијан Фетел кои претходно имаа забележано 13 победи во една сезона. 

Како втор на целта на трката во Мексико Сити пристигна Луис Хамилтон од Мерцедес, а трет беше Серхио Перес од Ред Бул.

Верстапен од порано ја обезбеди шампионската титула и на две трки до крајот има 416 бода, второто место му припаѓа на Перес, а трет е Леклер од Ферари.


МекГрегор најави враќање во УФЦ кафезот

Поранешниот шампион во две тежини на УФЦ, Конор МекГрегор, вели дека набрзо ќе се врати во рингот и дека ќе освои милиони.

Ирецот кој подолг период не бил тестиран од ВАДА ќе може да се бори најрано во април или мај во 2023 година.

„Напорно тренирам секој ден. Тоа ќе биде мојата  подготовка за враќање во кафезот. Ќе почнам да тепам луѓе за милиони долари. Лесна работа“, напиша МекГрегор.