останато

Мо Фарах остана без пласман на Олимписките игри

Познатиот британски атлетичар, 38-годишниот Мо Фарах на митингот одржан во Манчестер не ја исполни нормата за настап на Олимписките игри во Токио.

Фарах на трката на 10.000 метри оствари време 27:47 минути, заостанувајќи 20 секунди зад олимписката норма.

Фарах, кој е роден во Сомалија, доминирае на последните две изданија на олимписките игри во Лондон 2012. и 2016. во Рио де Жанеиро во двете средни атлетски дисциплини. На двете ОИ освои четири златни медали, на 5.000 и 10.000 метри.

„Не знам што да мислам што ќе биде следно. Ако не можам да се натпреварувам со најдобрите, зошто да се мачам?“ – рече Фарах, кој во последните години се посвети на маратоните и имаше низа проблеми со повреди.



Јован Стојоски ќе ја претставува Македонија на ЛОИ во Токио

Членот на охридскиот атлетски клуб Јован Стојоски ќе биде македонски претставник во атлетика на Олимписките игри во Токио, одлучи Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Стојоски има олимписки циклус за паметење, постигнувајќи одлични резултати каде и да настапуваше. Покрај Стојоски специјална покана добија каратистката Пулексенија Јованоска, стрелачот Бранко Бранковски и пливачите Филип Дерковски и Ева Петровска.

Со исполнета А норма на Олимписките игри во Токио ќе се натпреваруваат Дејан Георгиевски – Таеквондо односно Магомедгаджи Нуров – Борење слободен стил.

Олимписките игри во Токи започнуваат на 23 јули и ќе траат до 8 август.



Мото ГП: Маркез триумфираше по 19 месеци!

Возачот на Репсол Хонда, Марк Маркез дојде до својата прва победа по 19 месеци откако славеше на осмата трка од шампионатот во Мото ГП која се возеше во Германија.

Осумкратниот светски шампион, 11-ти пат по ред славеше на „Сасенринг“, осми во кралската класа и го постигна најдобриот резултат откако минатата сезона се здоби со скршеница на надлактицата на отворањето на сезоната, поради што беше надвор од патеката цели девет месеци. Шпанецот ја забележа 57-та победа во најсилната категорија во Саксонија, и вкупно 83-та за него во кариераата.

Маркез мина низ целта со предност од една и пол секунда пред Мигел Оливеира од КТМ Расинг, додека возачот на Јамаха, Фабио Квартараро беше на третиот чекор од подиумот. 

Шампионатот во Мото ГП продолжува следниот викенд во Асен со ГН на Холандија, проследено со летна пауза.


Непријатни вести за Олимписките игри во Токио!

Член на олимпискиот боксерски тим на Уганда беше позитивен на КОВИД-19 по задолжителните проверки на сите спортисти кои допатуваа во Јапонија.

Девет боксери од Уганда, тренери и официјални лица пристигнаа на аеродромот „Нарита“ во Токио. Тоа е втора странска репрезентација што допатува во Јапонија на Олимписките игри, по австралискиот женски тим во софтбол. Австралијките се на јапонско тло од 1 јуни и досега имаа негативни тестови.

По два позитивни резултати, спортистот од Уганда беше изолиран. Според весникот „Асахи“, сите девет спортисти од Уганда претходно биле вакцинирани со „Астра Зенека“ и имале негативни тестови за ПЦР тестови пред да се качат на авион. Олимписките игри во Токио започнуваат на 23. јули.


Шелби Гулиган суспендирана заради позитивен допинг тест

Американската атлетичарка Шелби Гулиган, шампионка на 1.500 и 5.000 метри во затворен простор во 2019 година е суспендирана на четири години поради позитивен тест за анаболен стероид.

Неколку дена пред почетокот на квалификациите за Олимписките игри во американскиот тим, 28-годишната атлетичарка призна дека во нејзиниот примерок од јануари е пронајден нандролон. Гулиган, која беше кандидатка за медал во Токио 2020, тврди дека намерно не земала допинг и дека забранетата супстанца можела да влезе во нејзиното тело преку контаминирано месо.

„Направив сè што можев за да ја докажам својата невиност. Поминав полиграфски тест, а косата ми ја тестираше еден од водечките светски токсиколози“, напиша Шелби на социјалните мрежи.

ВАДА се согласи дека нелегалната дрога не се акумулирала во моето тело, што значи дека не ја земав редовно. Но, ова не ја промени одлуката за казнување. Се чувствувам целосно уништено, изгубено, скршено, збунето и изневерено од самиот спорт што го сакав и целосно му се предадов. Никогаш не сум користела супстанции за подобрување на перформансите, додаде американската атлетичарка.



Навала на македонски фанови во Букурешт, полни и мобилните ковид центри за тестирање

Ковид мобилните центри во Букурешт се преполни со македонски навивачи тестирањето е задолжително за да се добие алка со која добивате право на влез на стадионот, секако мора да имате и билет.

Македонските навивачи ги преполнија центрите кои се официјални за оваа намена. Македонија ќе има поддршка од околу 3500 навивачи вечерва во Букурешт, дел од републиката дел од дијаспората.



Тајсон се враќа во рингот во септември

Тренерот на Мајк Тајсон, Рафаел Кордеиро зборуваше за времето на можно враќање на боксерот во рингот.

„Продолжуваме со тренинзи. Тој е спортист и секогаш вежба, работи на нозе во фитнес центар. Мислам дека ќе имаме нешто во септември. Не знам кои ќе бидат ривали, бидејќи неговата компанија „Legends Only League“ работи на тоа. Таа преговара за договор со ТВ – само тие можат да го објават распоредот, а ние тренираме. Ќе се бориме во септември“, рече Кордеиро.

Во ноември 2020 година, Тајсон имаше дуел со Рој Џонс јуниор.



Македонија со седум карате-надежи отпатува на олимписките квалификации во Париз

Карате федерацијата на Македонија ќе биде меѓу најбројните делегации на претстојниот олимписки квалификациски турнир за олимписките игри во Токио, што ќе се одржи од 11-13 јуни во Париз, Франција. КФМ има свои репрезенти во сите  категории во борби во машка и во женска конкуренција, како и во кати за жени.

Нашите најдобри каратисти го заслужија тоа со пласманот меѓу 100 најдобри во своите категории на ранг листата на Светската карате федерација (WKF). КФМ во изминатиот олимписки циклус заврши со тројца олимписки стипендисти меѓу кои се двојниот европски шампион и освојувач на две златни медали на премиер лигите Емил Павлов, европскиот вицешампион и медитерански првак Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, која двапати беше петта на европски првенства. Петто место на сениорско европско има и Ангела Мојсовска, а седмо Симона Заборска, додека Петар Заборски и Вероника Костовска се поранешни европски медалисти во помлади категории.



Канадската хокеарската репрезентација стана светски првак

Хокеарите на Канада се новите светски шампиони, откако вечерва во големото финале во Рига по продолженија ја победија Финска со 3-2.

За Канаѓаните ова беше нивно 27-мо злато, што ги изедначува со Русија (заедно со СССР). Сепак, ова злато има посебна тежина, ако се знае дека Канада почна со три порази, беше на работ на елиминација, но се врати дури за финале, па и за злато.

Во ова финале Финска водеше двапати, но Канаѓаните израмнуваа и се изборија за продолженија. Таму Ник Пол донесе голема радост во седмата минута од дополнителното време.


Проблеми за Формула 1 – одложена трката во Сингапур!

Раководството на Формула 1 е во потрага по решение. Откако го наполнија календарот, сакајќи трките да се одржат на што повеќе континенти, организацијата сепак поради пандемијата не се одвива се според планот.

Големата награда на Сингапур нема да се вози оваа сезона. Челниците на Формула 1 и сингапурските власти донеле одлука трката да се отстрани од календарот бидејќи нема можност да се организира поради строгите правила за влез во земјата.

Сингапур воведе рестрикции околу патувањата, а од Формула 1 ќе се обидат да пронајдат нов домаќин со цел да не се намали бројот на трките. Кандидати за замена се Турција, Кина и Остин во САД, каде оваа сезона би можеле да се возат две трки.

Англиските медиуми јавуваат дека покрај Големата награда на Сингапур во прашање се доведува и одржувањето на трките во Бразил, Јапонија, Мексико и Австралија.