feature

И богатите во проблеми – ПСЖ бара помош од Владата!

Француската Лига 1 барем засега сезонава ни донесе одличен фудбал. Се чини дека ПСЖ веќе не е недопирлив, Лион и Лил се во трката заедно со тимот на Покетино. Она што го расипува впечатокот, а уште повеќе и финансиите на клубовите, вклучително со тоа и трансферите, се неисплатените ТВ договори. Медиапро го прекрши договорот, па јасно е дека КОВИД-19 влијае на се. Медиумската групација се обврза дека ќе им плати на клубовите вкупен износ од 800 милиони евра годишно до 2024. година. Првите две рати не се уплатени, платени се само 100 милиони евра. На петти октомври требаше да се исплатат 172.3 милиони, а во декември 152.5 милиони евра. Резултат на сето тоа се финансиските проблеми на француските клубови, па дури и ПСЖ влегува во таа група! Шампионот на Франција користи помош на државата за плаќање на 400 вработени од вкупно 700, не вклучувајќи ги фудбалерите. ПСЖ веќе објави загуба од 124 милиони евра поради пандемијата.


Пике ја купува Калчо лигата?!

Жерар Пике поради повреда не настапи на последниот натпревар на Барселона против Реал Сосиедад, но сепак 33-годишниот Пике и онака има полни раце работа. Според италијанските медиуми, Пике е заинтересиран за откуп на ТВ правата за пренос на натпреварите од Серија А! Раководството на лигата го започна процесот за продавање на спортските права за сезоните 2021/22, 2022/23 и 2023/24. Објавата секако со себе повлекува и голем интерес, а преку 50 компании се заинтересирани за преговори, една од нив е и онаа на Пике, Космос Глобал Холдинг. Според пишувањето на Газета, Пике и Космос имаат најголема конкуренција во Медиапро, ДАЗН и ИМГ агенцијата. Пике има искустов во овој бизнис, засега негова најголема аквизиција на компанијата е правата на тенискиот Дејвис куп.


Шалке ја враќа клупската легенда пред крајот на кариерата

Германски Шалке се обидува да го доведе 37-годишниот напаѓач на Ајакс, Клас Јан Хунтелар, кој за овој клуб настапуваше од 2010. до 2017. година. Хунтелар најави повлекување од фудбалот на крајот на оваа сезона, но на Шалке секако му е потребен до крајот на сезоната, со цел да изборат опстанок во Бундеслигата. Шалке во моментот е на претпоследното место на табелата и има четири бода помалку од Келн кој е на 16. место, а има шест бода помалку од Билефелд кои се 15. Овој клуб беше во голема резултатска криза до минатиот викенд, кога ја забележа првата победа по 30 натпревари. На тој натпревар, каптенската трака ја носеше Сеад Колашинац, кој се врати во клубот по настапите за Арсенал. Шалке по успешното враќање на Колашинац се одлучи да тргне и по Хунтелар, кој во текот на седумте сезони поминати во Гелзенкирхен стана вистинска клупска легенда одигрувајќи 240 натпревари во кои постигна 126 погодоци и подели 35 асистенции.


По страшен пад, мотоциклист почина на Релито Дакар

Францускиот мотоциклист Пиер Черпин, кој се здоби со тешки повреди на главата по падот во текот на седмата етапа од Релито Дакар 2021, почина пет дена подоцна во текот на трансферот до Франција, објави организаторот на Релито. „Во текот на превозот со авион од Џедах до Франција, 52-годишниот Черпин подлегна на повредите здобиени по падот во седмата етапа од Хаила до Сакака на 10. јануари.“ – стои во соопштението на организаторот. Черпин, за кого ова беше четврт настап на Релито, имаше операција на главата по падот во Саудиска Арабија, а по истата беше во индуцирана кома.


Продолжува егзодусот, Вардар го напушти и капитенот

Капитенот на ФК Вардар и повремен репрезентативец на Македонија, Дарко Мицевски беше претставен како нов играч на ФК Рига од Латвија. Мицевски се одлучи да ја прифати понудата од главниот град на таа земја, па Рига ќе биде шестиот клуб во неговата кариера. Мицевски беше дел од црвено-црните од јуни 2018. година, но поради финансиските проблеми со кои се соочува клубот, тој е уште еден на листата играчи кои го напуштија актуелниот првак на Македонија.


Алпин е новото име на Рено

Францускиот тим во Формула 1, Рено официјално го смени името и амблемот. Од денес нивното ново име е Алпин. Тимот веќе го смени името на профилот на Твитер, како и боите од жолта во црна, сина, бела и црвена.
Според „Диарио Спорт“, има промени во раководството на тимот. На Алпин му се придружија поранешниот шеф на „Сузуки“ во Мото ГП, Давиде Бривио и Лоран Роси, кој ја презеде функцијата извршен директор и комерцијален директор. Кирил Абитебул го напушти Алпин.
Рено заврши како петти во поредокот на тимот Формула 1 во 2020 година. Новата сезона започнува со Големата награда на Бахреин на 28 март.


Лазаров на СП во Египет постави неверојатен рекорд!

Македонија на стартот на Светското ракометно првенство беше поразена од Шведска со 32:20, а на тој натпревар Кире Лазаров го запиша своето име во историјата.
Легендарниот ракометар стана првиот играч кој постигнал погодок на светско првенство во четири различни децении. Интересно, првиот погодок на светско првенство го постигна во Каиро, исто како и синоќа. Тој против Шведса постигна пет погодоци од десет упатени удари кон голот.
Првиот погодок во својата кариера, Лазаров го постигна на СП 1999. година како 19-годишен во победата против Саудиска Арабија. На наредните четири светски првенства нашата репрезентација не настапуваше, па се врати во Хрватска во 2009. година. Тогаш, Лазаров го сруши рекордот на светските собири со 92 погодоци.
По тоа првенство, Македонија настапи на четири од петте светски првенства, а Лазаров и во 2017. година беше најдобар стрелец со 50 погодоци.


Дембеле претставен на „Ванда Метрополитано“

Лидерот во шпанската лига, Атлетико Мадрид ја заврши потрагата по фудбалер за навалната линија, ангажирајќи го Муса Дембеле од француски Лион.
Дембеле во дресот на „јорганџиите“ до крајот на сезоната ќе настапува како позајмен фудбалер, а потоа, шпанците ќе го откупат во трансфер вреден 35 милиони евра.
Дембеле на „Ванда Метрополитано“ стадионот ќе го замени Диего Коста, кој си замина од клубот.
Лион празнината на Дембеле ја пополни со доведување на Слимани од англискиот премиерлигаш Лестер.


Ангеловски доби нов договор, ќе ја води Македонија на ЕП

Игор Ангеловски и ФФМ си подадоа рака за продолжување на соработката, промени по однос на селекторот нема, сега останува играчите да ја подигнат формата, да останат здрави и желни за голем успех.
„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа.
Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката.
Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.
На Европското првенство нашата селекција ќе дебитира со Австрија, а потоа ќе се сретне со Украина и Холандија.


Платил шест и пол илјади долари за да има предност на ФИФА!

Многу љубители на фудбалот се заљубени во играњето ФИФА, но само ретки се подготвени во тоа да вложат колку еден тинејџер од Англија. Гејмерот познат како „Гетсби“ ја откри својата совршена опрема за најпопуларната фудбалска видеоигра, за која плати дури шест и пол илјади долари!
Главниот дел од таа опрема го сочинува огромниот монитор, кој му овозможува да го гледа целиот терен додека игра.
„Студирам ИТ и затоа ми треба добра опрема, но на купувањето се одлучив поради тоа што обожавам видеоигри. Кога играм ФИФА, за разлика од противникот, можам да го видам целиот терен. Тоа ми овозможува да испраќам долги топки кои тој не ги очекува, а и во секој момент можем да видам како ми е составена одбраната.“ – вели тој.
Екранот го чинел околу илјада и петстотини долари, а остатокот од опремата се состои од врвна графичка картичка, други компјутерски компоненти како и посебна столица. За сета оваа напредна опрема, тој вложил преку шест и пол илјади долари.