ракомет

Кели Дулфер го продолжи договорот со Ѓер

Холандската репрезентативка и специјалист за одбрана, Кели Дулфер, го продолжи договорот со унгарскиот гигант Ѓер до 2028 година.

Дулфер се пресели во Унгарија во 2023 година и за краток период освои две титули во Лигата на шампионите со клубот.

Со ова продолжување, Ѓер го задржува еден од своите клучни адути во борбата за нови европски и домашни трофеи.


Кеита мора на операција, Вардар без Французинот два месеци

Левото крило на Вардар, Махамаду Кеита ќе паузира најмалку два месеци поради операција на рамото.

Интервенцијата е извршена во Загреб и тој веќе го почнува процесот на рехабилитација, објави македонскиот клуб.

Поради проблеми со рамото, беше решено хируршката интервенција да биде извршена побрзо со цел да може и побрзо да се врати на теренот.

Кеита дојде на почетокот на сезонава и покрај играњето во напад, особено важен беше за одбранбените задачи на тимот.


Витални бодови за Еуофарм Пелистер 2, полн плен за тимот на Зарков во Куманово

Еурофарм Пелистер 2 славеше со 28-30 на гостувањето во Куманово во рамките на третото коло од Суперлигата, во меч каде што тимот од Битола го контролираше резултатот во најголемиот дел од средбата.

Најефикасни кај победниците беа Белистојаноски со седум гола, го следеше Марковски исто така со седум, додека Баптист додаде шест. Тоше Ончев беше најрасположен кај домаќините со девет гола, од кои четири врзани во периодот од 53. до 59. минута, а Александар Стојков запиша седум гола.

Во следното четврто коло Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе го пречека Охрид.


Хосни донесе бод од тешкото гостување во Автокоманда

Екипите на Алкалоид и Еурофарм Пелистер го одиграа второто дерби во третото суперлигашко коло, а мечот во „Автокоманда“ по голема битка и неизвесност, заврши со нерешен исход, со резултат 33-33 (15-14). Алкалоид со два гола предност влезе во финишот, но тогаш првакот се разбуди. Прво преку Тајник реализираше за 33-32 за да потоа пред звукот на сирената реализира и Хосни за реми на ова соочување.

Екипата на Рубен Гарабаја настапи без повредените Абутовиќ, Ристевски и Кузманоски, а само неколку минути доби повратникот Хаидарирад.

Тордарсон беше прво име кај „сино-белите“ со седум реализации, а Кузмановски постигна десет гола за битолчани.

Во следното четврто коло Еурофарм Пелистер на домашен терен го пречекува тимот на Струга.


Ракометниот караван на РФМ започна од Охрид

Ракометниот Караван 2025 се одржа во град Охрид, во спортската сала „Билјанини извори“. Настанот помина во одлична атмосфера со голем број деца и љубители на спортот, а главната цел е промоција на ракометот како наш национален спорт и инспирација за младите генерации.

„Денес сликите зборуваат повеќе од милион зборови.

Насмевките, енергијата и срцата на над 300 деца ја раскажаа најубавата приказна на нашиот прв Ракометен караван 2025.

Секој кадар е доказ дека спортот носи љубов, среќа и магија.”, се вели во соопштението.


Македонските ракометарки го освоија „Трофејот Македонија“

Македонската ракометна репрезентација е победник на турнирот „Трофеј Македонија“ одржан во Охрид.

„Црвено-жолтите“ на крајот го освоија првото место, откако Тунис и Египет денес одиграа 25-25. Нерешениот исход и одговараше на македонската репрезентација.

Нашите ракометарки во првото коло го победија Тунис, потоа загубија од Египет, а со Грција не играа поради вирусна инфекција кај гостинките.


Вардар за нијанса подобар во дербито со Охрид во Скопје

Ракометарите на Вардар 1961 по голема борба го совладаа Охрид со 33-31 (17-15) во рамките на третото коло во Суперлигата на Македонија.

Натпреварот кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ понуди навистина многу борба, пред сè бидејќи охриѓани не се откажаа во ниту еден момент иако често бркаа негатива.

За „црвено-црните“ ова беше прво сезонско дерби, а за гостите второ бидејќи на стартот гостуваа и ремизираа кај Алкалоид.

Урош Митровиќ беше прво име во Вардар со осум постигнати гола, а шест даде Вуко Борозан.

Во таборот на Охрид се истакна екс-вардарецот Дарко Ѓукиќ кој исто така даде осум гола. Што се однесува до голманите Васил Гогов фати десет топки, а кај гостите Чаневски имаше шест интервенции и Блажески две.


Македонските ракометарки минимално поразени од Египет

Минимален пораз од 18-19 од Египет претрпеа македонските ракометарки во дуелот од второто коло на Трофеј Македонија што се игра во Охрид.

Во првото полувреме македонските ракометарки имаа водство, кое сепак на крајот од овој период не успеаја да го сочуваат и на полувреме беше 10-10. Тешко одеше нападот на нашата репрезентација и во воведните минути од вториот дел, а одбраната беше на ниво, па ниту противникот не успеваше да дојде до предност. Во последните десет минути се влезе со нерешен резултат 16-16 и вистинска драма. Во 56.та минута македонските ракометарки за првпат поведоа со 18-17. При 18-18 Египет не реализраше седмерец на 70 секунди до крајот. Во последниот напад на Македонија голманката на Египет Осман имаше две одбрани, а на 10 секунди до крајот Египет со нов седмерец дојде до победата.

Утре на Трофејот Македонија во првиот натпревар од 14 часот ќе играат Тунис и Египет, а во вториот натпревар македонската репрезентација ќе игра против Грција.


Марјан Начевски доби нова ЕХФ функција

Поранешниот македонски ракометен судија, сега делегат на Изборниот конгрес доби функција во една од комисиите во ЕХФ (Европската ракометна федерација). Марјан Начевски во следните четири години ќе биде член на Комисијата за жалби на ЕХФ.

Тој оваа функција ќе ја извршува од 2025 до 2029 година.

Претседател на Комисијата за жалби ќе биде Јоанис Каранасос од Грција.

Михаел Видерер ќе продолжи да биде прв човек на европскиот ракомет и во иднина, беше единствен кандидат за претседател. Изборниот конгрес на ЕХФ се одржа во Андау, Австрија.


Митревски: Било каков и да е, ПСЖ е европски гигант

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред првото гостување сезонава во Лигата на шампионите. Пред утрешниот пат за Париз и дуелот со ПСЖ, со новинарите зборуваа тренерот Гарабаја и голманот Митревски.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Мораме да се фокусираме на самите себеси, за да напредуваме секојдневно. Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Да се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим, со супер-ракометари и одличен тренер. Добро е што играме со нив на почетокот на сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка.

Никола Митревски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)

Било каков и да е ПСЖ се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз.

Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште одсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде.