ракомет

Лазаров: Не се победува бундеслигаш со толку многу промашувања

Ракометарите на Алкалоид и во реваншот од квалификациите на Лига Европа загубија од Хановер со 29-28.

Македонскиот претставник со двата пораза ги заврши натпреварите во елиминациската фаза, па сега остануваат само домашните натпреварувања.

„Честитки за Хановер, заслужено победија. Разочаран сум бидејќи на двата натпревара промашивме вкупно девет удари од шест метри. Со ваква статистика невозможно е да се совлада екипа што игра во Бундеслигата. Знаевме дека Хановер е поквалитетен тим, но ова е премногу. Хановер е противник кој победува екипи како Магдебург или Фуксе Берлин, тогаш е јасно колку беше тешко со ваква статистика“, изјави по натпреварот тренерот на Алклаоид Кирил Лазаров.

Жестоко беше на теренот, особено како што истакна и тренерот на гостите Кристијан Прокоп дека нивна цел била две победи на двата дуела.

„Сакам да им честитам на Хановер за победата и да им посакам среќа во групната фаза на ЕХФ Европската лига. За жал, за нас европската авантура завршува тука и нашиот фокус ќе биде насочен кон домашните натпреварувања“, изјави капитенот на Алкалоид Игор Ѓоргиев.

Пред почетокот на натпреварот Алкалоид – Хановер, на македонскиот тим му беше предаден пехарот од ЕХФ за освоениот Европски куп од ланската сезона.


Алкалоид го прими пехарот од ЕХФ Европскиот Куп

Ракометниот клуб Алкалоид го доби пехарот за триумфот во ЕХФ Европскиот куп за ланската сезона. Македонскиот тим во финалето од ова натпреварување заврши како победник, откако неговиот ривал грчки АЕК не се појави на терен на реваншот во Скопје.

Пехарот вечерва на капитенот на Алкалоид Игор Ѓорѓиев го предаде Божидар Ѓурковиќ претставникот од ЕХФ.

Алкалоид имаше предност и победа од првиот финален дуел, а грчкиот тим во Скопје иако се загреваше одби да го игра натпреварот.

ЕХФ донесе одлука натпреварот да биде регистриран со резултат 10:0, а АЕК заработи и две годишна суспензија.

Алкалоид е третиот македонски ракометен клуб што освоил европски пехар по двете титули европски првак на Вардар и трофејот на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров.


Еурофарм Пелистер со лесна победа во Бутел ја отвори Суперлигата

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со победа над Бутел Скопје со 29-20 ја отвори новата сезона во машката ракометна Суперлига која стартуваше од вчера.

Петар Атанасијевиќ беше најдобар со десет гола, пред Мирче Калајџиоски со четири гола, додека кај бутелчани, Димитар Узунчев и Дејан Михајловиќ погодија по четири пати.

Во второто суперлигашко коло, Еурофарм Пелистер дома ќе го пречека Пролет, додека Бутел Скопје игра со Радовиш.


Митев и Костески наскоро се враќаат во тимот на Алкалоид

Тимот на Алкалоид и македонската ракометна репрезентација ќе добијат големо засилување во пресрет на Суперлигата и на Европското првенство кое во 2026 година ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.

Двајцата репрезентативци Марко Митев и Никола Костески за еден месец повторно ќе бидат на терен.

Митев е надвор од игра од март поради кинење на лигаментите, додека Костески во април беше подложен на операција на Ахиловата тетива.


Ветеранката Лунде потпиша за Црвена Звезда

Норвешката ракометна голманка Катрин Лунде, која воедно е и најодликувана ракометарка во историјата, потпиша за ЖРК Црвена звезда до крајот на годината, а српските медиуми тоа го нарекуваат најголемата трансфер-бомба во женскиот ракомет во Србија.

Црвена звезда ја донесе 45-годишната норвешка икона само три месеци откако таа играше во финалето на Лигата на шампионите со Одензе. Договорот беше потпишан до крајот на 2025 година, со договор Лунде да патува помеѓу Кристијаншанд и Белград, бидејќи нејзиниот партнер Никола Трајковиќ и ќерката Атина ќе останат во Норвешка.

Доведувањето на Лунде е дел од поширок проект на Црвена звезда, двократниот шампион на Србија, со кој клубот сака да направи медиумски и натпреварувачки пробив, вклучително и лов на групната фаза од Лигата на Европа.

На овој план, Лунде е профилирана како фактор на разлика во квалификациите, со потенцијални дополнителни засилувања што клубот ги разгледува на есен.


Еурофарм Пелистер после драма до Суперкуп трофејот

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија првиот трофеј во новата сезона откако во Суперкупот го совладаа Вардар со 28-27.

Во салата во Кавадарци во крајно изедначен меч со драматична завршница, „зелено-белите“ од Битола беа повешти и успеаја да дојдат до победата. Кај Пелистер се наметна Хосни со 9 погодоци пред Тајник со 4 додека кај Вардарци се издвоија Кавада со 6 (сите од пенал) и Талески со 5 голови.

Сега „Вардарци“ останаа на четири пехари, „пелистерци“ бројат до три додека Алкалоид има еден трофеј во Суперкупот.


Гарабаја: Досега одиграното е неважно, она вистинското почнува со Суперкупот

На последниот тренинг пред заминување во Кавадарци и Суперкупот на Македонија против Вардар 1961, пред новинарите зборуваа тренерот Гарабаја и деснито крило Хекберт.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува утре со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките.

Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секојј натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме.

Рудолф Хекберт
(ракометар на Еурофарм Пелистер)


Пелистерци пак го надиграа Вардар и го освои Регионалниот турнир во Скопје

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го освои Регионалниот турнир во Скопје, во кој покрај двете најдобри екипи од ланската сезона во мак-ракометот учествуваа и српскиот шампион Војводина и црногорскиот првак Ловќен.

Еурофарм Пелистер влезе во ритам и почна да ја гради предноста. Во неколку наврати во првиот дел шампионот имаше +5, но на полувреме се замина 14-11 за гостинот од Битола. На стартот од вториот дел Вардар 1961 имаше неколку неуспешни обиди да влезе во серија и да се доближи до противникот, а битолскиот тим кога беше најпотребно тргна уште поквалитетно и се врати на позитива од пет гола, која беше недостижна за „црвено-црните“. На крај битолчани извојуваа триумф од 25-23.

Ова е втор триумф на Еурофарм Пелистер против Вардар 1961 за време на подготовките откако минатата недела го совлада и на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, а двете екипи в среда ја отвораат сезоната со мечот од Суперкупот на Македонија, во Кавадарци.


Кларица потпиша за Киелце од следната сезона

Хрватскиот ракометен репрезентативец Лука Ловре Кларица го реализира трансферот на кариерата.

Oфицијално 24-годишникот од Задар ќе го напушти Загреб и ќе премине во полскиот гигант Киелце, каде што ќе игра од следната сезона.

Европски ракометен шампион од 2016 година објави дека Кларица доаѓа од сезоната 2026/27, а договорот е потпишан до 2030 година.

Така, младиот десен бек ќе игра уште една сезона во Загреб, а потоа ќе замине во својата прва странска авантура.


ЖРК Металург двапати домаќин во европските дуели со Диферданж

Македонскиот вицепрвак два пати ќе игра на домашен терен во второто коло против тимот на Диферданж од Луксембург.

Европската ракометна федерација заедно со клубовите ги потврдија термините и саатниците за двата меча.

Првиот натпревар е на програмата на 4 октомври од 16:00 часот, додека реваншот на кој Металург Автокоманда е формално гостин се игра следниот ден во истото време.

Двата меча се закажани во салата во Автокоманда.