ракомет

Сигурдсон пред промоција за нов селектор на Хрватска

Ракометната репрезентација на Хрватска за првпат во историјата за
селектор ќе има странец, тоа е Исланѓанецот Дагур Сигурдсон.
Неговата официјална промоција како селектор на Хрватска се очекува да биде во Загреб.
Првиот предизвик за Сигурдсон ќе биде најтежок, да ја однесе
Хрватска на Олимписките игри во Париз. Хрватска во Хановер ќе
игра на квалификацискиот турнир за пласман на ОИ во Париз, заедно
со селекциите на Германија, Австрија и Алжир.
Според пропозициите, двете првопласирани селекции ќе обезбедат
пласман на Игрите во Париз.


Ветеранот Хорват се врати во матичниот клуб

Tимот на Загреб објави дека се засилува со искусниот Златко Хорват.

Легендарното крило се враќа во редовите на хрватскиот тим од редовите на унгарски Дабас. Хорват на 39 години пристигнува да биде дел од ротацијата на загрепскиот тим кој се бори за осминафинале во Лигата на шампионите, но и трофејот во домашното првенство.

Од 2002 до 2020 година Хорват го носеше дресот на Загреб, а тогаш на големо изненадување се пресели во Металург каде што одигра една сезона и потпиша за Дабас од Унгарија. Низ кариерата со Загреб Хорват освои над триесет трофеи.


Ракометарките на Македонија ги почнаа подготовките за двомечот со Шпанија

Македонската женска сениорска ракометна репрезентација означи старт на подготовките за квалификациските натпревари против Шпанија за пласман на Европското првенство 2024 година.

Првиот натпревар меѓу овие две селекции ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 29 февруари со почеток од 18.00 часот. Вториот натпревар меѓу Шпанија и Македонија ќе се игра во Ланзароте на 3 март од 17.00 часот.

Нашите најдобри ракометарки во првите два квалификациски натпревари запишаа две победи, против Азербејџан на домашен терен и против Литванија на гости, и моментно заедно со Шпанија го делат првото место во групата.


Гисласон останува селектор на германската репрезентација

Исландскиот ракометен тренер Алфред Гисласон ќе продолжи да ја извршува селекторската функција во Германија.

Тој го поднесе својот извештај за настапот на ЕП 2024 до УО на германската федерација, а според пишувањата на „Handball World“ членовите на УО гласале за продолжување на соработката со Гисласон.

Исланаѓанецот ќе добие понуда за нов договор до 2027 година и прва задача ќе му биде да ја однесе Германија на Олимписките игри во Париз.


Германија и Франција планираат заедничка организација на СП во ракомет

Германија и Франција ќе имаат заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во 2029 година и во 2031 година.

Двете федерации објавија дека посакуваат да бидат организатори на уште еден голем настан, но ќе имаат силна конкуренција. За организација на двата Мундијала, свои апликации имаат поднесено Исланд, Данска и Норвешка, како и Саудиска Арабија, односно Унгарија.

Со оглед на тоа што Германија веќе ја има организацијата на СП 2027, тешко е за верување дека ќе ја добие и за СП 2029, а јасно е дека ИХФ планира еден од овие два големи настани да се одржи во Саудиска Арабија.

Извршниот Комитет на ИХФ одлуката за доделување на домаќинствата на големите настани ќе ја донесе на 16 април.


Намален бројот на градови домаќини на СП во ракомет 2025

Светското првенство во ракомет во 2025 година според првичните
најави пред пет години, кога Данска, Норвешка и Хрватска ја добија
организацијата, требаше да се игра во 11 градови низ трите држави.
Сепак на крајот, и поради финансиски и поради организациски
причини, во комбинација останаа само пет града – Хернинг во
Данска, Осло во Норвешка, како и Загреб, Вараждин и Пореч.
Отпаднаа Драмен, Ставангер и Трондхајм во Норвешка, како и
Копенхаген во Данска. Од хрватските градови во комбинација беа
Сплит и Дубровник.
Досега на Мундијалот во 2025 година место имаат обезбедено 19
селекции, 11 места ќе бидат поделени во европскиот бараж, ќе биде
доделена уште една вајлд-карта, а место ќе има и за шампионот на
Северна Америка и Кариби.
Македонија ќе се соочи со Фарски Острови во битката за пласман на
СП 2025 година.


Шпанецот Сабате доби нов договор како чешки селектор

Ракометната федерација на Чешка, односно нејзиниот извршен одбор, одлучи и покрај неуспехот на континенталниот собир да не прави смена на селекторската функција.

Тоа значи дека селектор на Чешка останува искусниот Хавиер Сабате, кој на клупско ниво го предводи полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Шпанецот новиот предизвик со Чешка ќе го има во бараж двомечот против Романија за пласман на Светското првенство 2025.


Еурофарм Пелистер се засили со „џин“ од Полска

Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, пред почетокот на пролетниот дел од сезоната, доведе нов ракометар на пивотменската позиција.

Нов член на пелистерци е кружниот напаѓач од Полска, Матеуж Пиеховски, кој според договорот ќе го носи зелено-белиот дрес во наредната една и пол година.

28-годишниот Пиеховски е висок 210-сантиметри и во Битола доаѓа од редовите на турски Бешикташ, а претходно настапувал во Висла Плоцк, шпански Адемар Леон, Виктор Ставропол од Русија и германски Емшдетен.


Димитриоски доби нов договор во Ваљадолид

Македонскиот ракометен интернационалец, Димитар Димитриоски го продолжи договорот со шпанскиот прволигаш Атлетико Валјадолид.

Крилото и следната сезона ќе го носи дресот на Валјадолид откако клубот му го продолжи договорот и тоа денеска официјално го објави на својата интернет страница.

Димитриоски досега има постигнат 77 голови за оваа екипа, а сезонава има просек по два гола по натпревар. По настапот за неколку македонски екипи, левото крило од Еурофарм Пелистер се пресели во Валјадолид во 2022 година.


Перковац отпуштен, Хрватска ќе добие нов селектор

Одлуката за раскинување на соработката е еднострана и била донесена на последната седница на оваа федерација.

Се очекуваше за иднината на Перковац да се одлучува до крајот на оваа недела, сепак побрзо од очекуваното сојузот му се заблагодари на искусниот стратег.

Пресуден за отказот беше слабиот пласман на Европското првенство. Хрватска првенството го заврши како 11-та, иако стартуваше со победа против Шпанија, а го победија и домаќинот Германија, сепак тоа не беше доволно за подобра позиција.

Во хрватската јавност веднаш се појавија неколку имиња за можен наследник на Перковац, еден од кандидатите наводно е и Лино Червар.