ракомет

Мандалиниќ позираше со деветката по потписот на новиот договор

Репрезентативецот на Хрватска, Стипе Мандалиниќ, официјално ја продолжи соработка со нашиот ракометен состав Еурофарм Пелистер. Левиот бек кој одработи шест месеци во Битола, вели дека е задоволен од постигнатото.
„Мојот впечаток е многу позитивен. Градот е мал, но, има душа и живее за спортот, посебно за ракометот. Среќен сум во Битола, затоа ја договоривме соработката за наредната сезона. Клубот се стреми за големи цели почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Ќе има многу натпревари, но не ме плаши збиениот календар бидејќи играв во Бундеслигата каде што се играат три натпревари неделно. За навивачите на Пелистер сум слушал претходно, гледав и неколку натпревари на Интернет, минатата сезона против Веспрем и Мешков Брест и тоа е навистина атмосфера која ти дава „ветер во грб“. Таква публика со таков ентузијазам посебно ќе ни недостига на големите натпревари“, вели ракометарот на Еурофарм Пелистер.


Ракометарите не сакаат да играат пред гледачи на СП во Египет

Унијата на европските ракометари преку писмото испратено до претседателот на Светската ракометна федерација, Хасан Мустафа, изрази загриженост што ќе има публика на натпреварите на Мундијалот во Египет. Како што објави „ТВ2“ од Норвешка, играчите побарале натпреварите да се играат пред празни трибини и воедно да бидат запознаени со протоколот кој ќе им гарантира безбедност доколку ИХФ остане на идејата да има навивачи. Светското ракометно првенство во Египет ќе се одржи од 13 до 31 јануари под посебни мерки за заштита од ковид-19.


Брестовац повика тројца сенатори, Македонија спремна за повик за СП

Селекторот на нашите најдобри ракометари, Данило Брестовац, ги повика Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Никола Маркоски да се вклучат во подготовките откако ќе го поминат задолжителното тестирање за ковид-19.
Крилото, Гоце Георгиевски, кој го прележа вирусот, нема да се врати во селекцијата бидејќи е надвор од посакуваниот ритам. Избраниците на Брестовац на 10 јануари ќе го одиграат и вториот контролен меч со Чиле во Скопје.
Ние се надеваме дека некоја селекција пред се Чешка која има проблеми со заразени ракометари ќе се откаже и дека ќе и го отвори патот на Македонија да замине на Мундијалот во Египет.


Николов и Начевски ќе ја делат правдата на СП во Египет

Нашите најдобри ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе бидат дел од Светското првенство во Египет кое ќе започне кон средината на месецов. Светската ракометна федерација (ИХФ) официјално го ибјави списокот на 19 судиски двојки меѓу кои влегуваат и нашите. Покрај Николов и Начевски, уште 13 судиски двојки се од Европа, три се од Африка и по една од Јужна Америка и Азија.


Исланд без најдобриот играч на ракометното СП

Исланд на претстојното Светско ракометно првенство во Египет ќе заигра без најдобриот ракометар, Арон Палмарсон.
Тој неодамна играше на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн со повредено колено, па повредата само ја влоши на овој турнир. По доаѓањето во кампот на исланската репрезентација направени се дополнителни прегледи, кои покажаа дека мора да паузира најмалку месец дена.
Бекот на Барселона беше еден од најголемите заговорници за ова Светско првенство да не се одигра поради моменталната епидемиолошка ситуација, а сега ќе го пропушти истото.
Исландскиот селектор, Гудмундур Гудмундсон не повика дополнителна замена за Палмарсон.
Исланд на Светското првенство ќе биде во група со Португалија, Алжир и Мароко.


Ракометарите се собраа во Скопје, следат два пријателски дуели со Чиле

Македонската ракометна репрезентација, денес ќе ја започне новата година со прв собир во Скопје. Селекторот Данило Брестовац ќе го искористи овој слободен простор за да ги собере и тестира новите сили, бидејќи на списокот од 23 ракометари недостасуваат искусни ракометари како Стоилов, Манасков, Ристовски и Георгиевски. Македонија нема да биде дел од Светското првенство во Египет и селекторот Брестовац ќе има простор да одигра две контролни средби со селекцијата на Чиле на 5 и 10 овој месец.