ракомет

Се создава нова ракометна велесила!

Данскиот ракометен првак Алборг прави фантастична работа на трансфер пазарот. Откако нивната репрезентација го освои Светското првенство, сега данците тргнуваат во поход и по титулата европски клупски првак. Се започна откако неодамна објавија дека Микел Хансен во 2022 година ќе го напушти ПСЖ и ќе премине во Алборг. Тоа ќе биде одлично засилување за клубот во чија екипа се тројца репрезентативци на Данска (Хенрик Молгард, Магнус Саугструп и Мадс Кристенсен), и исто толку репрезентативци на Шведска (Феликс Клар, Микаел Агефорс и Лукас Сандел). Меѓутоа, Алборг не застанува тука. Веќе наредното лето им доаѓаат неколку сјајни играчи, меѓу кои се истакнува ѕвездата на Барселона, Арон Палмарсон. Со него, нови играчи на Алборг ќе бидат и капитенот на норвешката репрезентација Кристијан Бјорнсен, пивотот на Рајн-Некар, Јеспер Нилсен, Јакоб Холм и десното крило на Киелце, Сигвалди Гудјонсон. Освен Хансен, летото 2022. година ќе им се придружат уште четири вонсериски играчи. Заедно со Јеспер Нилсен, Алборг доведува уште двајца шведски пивоти, Андреас Нилсон и Макс Дарџ. Од Фленсбург доаѓа данскиот репрезентативец Мадс Менсах Ларсен, додека големо засилување на голот ќе биде и еден од најдобрите голмани на светот, Никлас Ландин. Така, за само две години Данска на сензационален начин ќе создаде нова сила во светскиот клупски ракомет, сочинета исклучиво од играчи од Данска, Шведска, Норвешка и Исланд.


Обрван именуван за нов селектор на БиХ во ракомет

Поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван ќе ја води репрезентацијата на Босна и Херцегговина. Обрван на селекторот столче во БиХ седнува откако си замина Билал Шуман. Шуман беше сменет од Управниот одбор на бсанската ракометна репрезентација. Селектор на Македонија Обрван беше три години (2013-2016) и ја водеше Македонија на две Европски првенства (2014 и 2016) и едно Светско (2015).


Одложен натпреварот Еурофарм Пелистер – Рајн Некар Левен

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го одложи натпреварот од деветтото коло на групата Д во Лига Европа помеѓу Еурофарм Пелистер и Рајн Некар Левен.
Причината е неможноста германскиот клуб да допатува во Битола, а целосно да ги испочитува мерките за заштита во ковид-криза донесени од германската влада. Рајн Некар Левен мора во рок од 48 часа да пристигне во Македонија со негативен ковид-тест, да го одигра натпреварот и да се врати дома. Клубот од Бундеслигата не пронајде таква опција и побара од ЕХФ одложување.
РК Еурофарм Пелистер ја прифаќа одлуката на Европската ракометна централа и очекува информации за нов термин за одигрување на натпреварот. Во меѓувреме клубот и тимот ќе се насочи на следните натпреварот против Татран Прешов во СЕХА Гаспром лигата и против Кадетен Шафхаузен во Лига Европа.


Микел Хансен го напушта ПСЖ, изненади со изборот на нов клуб

Откако девет години настапуваше за ПСЖ, најдобриот ракометар на светот Микел Хансен се одлучи да ја напушти Франција.
Дански ТВ2 Спорт пишува дека легендарниот 33-годишен дански ракометар од летото 2022. година ќе биде член на Алборг, со кој потпиша договор на три години.
Со оглед на тоа што со најбогатиот клуб на светот не успеа да дојде до трофеј во Лигата на шампионите, единствената титула која му недостасува во богатата ризница, се очекуваше дека ќе го загуби трпението во Париз и дека ќе замине, но шокираше со одлуката за новиот клуб, бидејќи бројни стручњаци сметаа дека ќе се приклучи на некој од великаните со кој ќе тргне по долгоочекуваниот трофеј во Лигата на шампионите.
За Хансен, Алборг ќе биде петти клуб во кариерата по Гудме, Барселона, Копенхаген и ПСЖ. Хансен три пати беше прогласуван за најдобар ракометар на светот, а со Данска беше олимписки, европски и два пати светски првак.


Охрид го надигра Прилеп во контролен натпревар пред стартот на плеј-офот

Ракометарите на Охрид забележаа нова победа во подготвителните натпревари, триумфирајќи во Прилеп против истоимениот состав со 28-26 (15-17). „Гладијаторите“ не беа на висина од задачата во првиот дел, кој не само што го загубија, туку на противникот му дозволија
дури 17 голови.
Избраниците на Раде Стојановиќ коцките за победа ги наместија во
вториот дел, играјќи фантастична одбрана. Охриѓани го маѓепсаа
голот, а нападот на спротивната страна погодуваше за нов триумф во
тест натпреварите.
Екипата на Охрид, генералката за пролетната полусезона во Супер
лигата ќе ја има в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“. Ривал ќе му
биде Прилеп.


Ракометарите на Металург „заглавија“ во Полска

Ракометарите на Металург и сите членови на стручниот штаб на клубот од скопска Автокоманда, се заглавени во Варшава, а не можат да се вратат во Скопје бидејќи има проблем со ПЦР тестовите.
Металург од Плоцк со автобус пристигна во Варшава, од таму требаше со лет преку Франкфурт да пристигнат дома во Скопје, но поради рестриктивните мерки во Германија (задолжителни ПЦР тестови) и недоразбирањата со авиокомпанијата, враќањето е одложено за утре.
Утре клубот од Автокоманда се враќа за Скопје преку аеродромот во Истанбул, но проблем е што веќе на 20. февруари имаат меч со Чеховски Медведи, што значи ќе имаат многу малку време за одмор и подготовка.


Египќанецот Хендави претставен во Битола

Четири дена откако пристигна во Битола, египетскиот голман Карим Хендави официјално беше претставен како нов член на Еурофарм Пелистер.
Хендави веќе одржа неколку тренинзи со групата на повредени ракометари, со кои работи Божидар Мојсов, а вечерва првпат заееднички ќе тренира со новите соиграчи, кои доцна синоќа се вратија од Загреб.
Со Хендави, како и со останатите голмани, ќе работи тренерот на голманите Ице Соколески. Хендави во Еурофарм Пелистер ќе го носи дресот со број 88.


Црногорски репрезентативец потпиша за Металург

Василије Калуѓеровиќ кој е дел од ракометната репрезентација на Црна Гора, во иднина ќе го носи дресот на нашиот Металург.
Корпулентниот играч треба да ги покрие бековските позиции во тимот од Автокоманда и да биде квалитетно засилување за наредните предизвици. Тој може да игра како среден или лев бек.
Калуѓеровиќ кој дојде од шведскиот Гуф, ќе биде во таборот на „металурзите“ до крајот на наредната сезона.


Белгија се откажа, Србија обезбеди пласман на ЕП во ракомет

Ракометната федерација на Белгија ја извести ЕХФ дека се откажува од квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2022 година во Унгарија и Словачка. Одлуката е поради лошата ситуацијата со Ковид-19, како и краткиот период за подготовки. Натпреварите требаше да се играат во текот на месец март и април. Со оваа одлука на Белгија, Србија ќе обезбеди директен пласман бидејќи има најповолна позиција во својата група.


Ојлески: Очекуваме тежок натпревар, но одиме на победа

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Гоце Ојлески е уверен дека Еурофам Пелистер може да оствари позитивен резултат на гостувањето кај ППД Загреб во натпревар од СЕХА лигата. Десното крило на битолскиот тим тврди дека тој и неговите соиграчи одработиле добри подготовки и посакуваат победа за зголемување на самодовербата пред дуелот со Татабања во Битола. „Мислам дека добро се подготвивме, со исклучок на неколку ракометари кои имаат мали проблеми. Одиме во Загреб да се надигруваме и знаеме каков противник ќе имаме во сабота навечер. Се работи за екипа која скоро секоја година игра Ф4 на СЕХА лигата. Нема да биде лесен натпревар, но ќе играме на победа. Ќе дадеме максимум и ќе видиме што ќе се случи. Ни следат повеќе натпревари и добар старт во Загреб добро би ни дошол. Ни следи брзо потоа и Татабања
во Битола и се надеваме на добри резултати.“ – изјави Ојлески.