ракомет

Одложен натпреварот ПСЖ – Вардар

Продолжуваат проблемите на РК Вардар оваа сезона. Тимот никако да влезе во натпреварувачки ритам, затоа што повторно е одложен натпреварот против ПСЖ во Париз и истиот ќе се одигра во нов термин.
Канцеларијата на ЕХФ го информираше Вардар дека од Француската ракометна федерација добиле известување за нови рестрикиции што ги вовела државата за лицата што не се од Европска Унија (задолжителен карантин при пристигнување). Новите правила се на сила до неодреден датум и поради тоа нема шанси да се одигра натпреварот од ЕХФ лигата на шампионите во Франција.
Средбата во Париз требаше да се игра на 9 февруари 2021 година во 18:45 часот. ЕХФ и клубовите ќе се договорат за нов можен датум за одигрување на натпреварот.


Кузмановски од Мундијалот се врати со позитивен тест на ковид-19

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски се врати од Светското првенство во својот клуб со позитивен тест на ковид 19 Тој по доаѓањето во Хановер пред да го одработи првиот тренинг беше тестиран и се покажа дека е позитивен на Ковид 19. Добрата вест е што Кузмановски дека нема симптоми на болеста, но во секој случај следните 14 дена ќе биде во изолација.


Микел Хансен е МВП на Светското првенство во Египет

Данскиот ракометар Микел Хансен е избран за најкорисен играч на Светското првенство во Египет, а таа награда ја доби и пред две години на светскиот собир кој тогаш се одржа во Данска и Германија. Хансен ја предводеше селекцијата на Данска до финалето на Светското првенство и победата над Шведска со 26:24 со седум постигнати погодоци, а вкупно на првенството постигна 48. Сјајниот дански ракометар беше МВП, а воедно и најдобар стрелец и на минатото Светско првенство.
Исто така, беше избран и најдобриот тим на овогодинешниот Мундијал, а истиот гласи вака:
Голман: Андреас Паличка (Шведска)
Лево крило: Хампус Ване (Шведска)
Лев бек: Микел Хансен (Данска)
Среден бек: Џим Готфридсон (Шведска)
Десен бек: Матиас Гидсел (Данска)
Десно крило: Феран Соле (Шпанија)
Пивот: Лудовик Фабрегас (Франција)


Кудуз и официјално играч на Вардар од следната сезона

Од РК Вардар и официјално го потврдија трансферот на Анте Кудуз. Од следната сезона на позицијата лев бек во тимот на Вардар 1961 ќе игра хрватскиот интернационалец Анте Кудуз (25). Македонскиот првак потпиша двегодишен договор со Кудуз и тој во Скопје би требало да остане до летото 2023 година. Кудуз (202 см.) доаѓа од екипата на Динамо Букурешт каде настапува и лани беше прогласен за најдобар играч во првенството на Романија. Лани настапуваше со Динамо Букурешт во групната фаза од ЛШ, во група Д. Со екипата избори пласман во осминафиналето на ЛШ, но беа откажани натпреварите и административно беа одредени учесниците за Ф4 турнирот. Кудуз таа сезона постигна 61 гол, а особено значајно беше неговата улога токму во дуелите со Спортинг во елиминациите и пласманот за осминафиналето. Сезонава на 4 натпревари во Лига Европа досега постигна вкупно 11 гола. Динамо Букурешт е во група со Спортинг, Кристијанстад, Фуксе Берлин, Татран Прешов и Ним.


Мукаетов уште четири години претседател на РФМ

Живко Мукаетов останува прв човек на ракометот во Македонија и во следните четири години. Мукаетов едногласно ја доби довербата од страна на сите делегати, а со оглед на тоа што немаше противкандидат за прв човек на ракометот беше избран со аплауз. „Сакам да се заблагодарувам на поддршката и соработката која ја имавме во сите овие години. Можам да ветам дека ќе продолжиме да работиме. Со давање на идеи, заеднички да направиме уште подобро за македонскиот ракомет. Свесни сме дека со младите треба да работиме многу повеќе, тука сме заеднички сите да го направиме тоа. Голема благодарност до сите и ајде заедно да работиме за уште подобра сегашност и иднина на македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов веднаш по добивањето на довербата од делегатите. Со ова Живко Мукаетов продолжува да ја води РФМ и во следните четири години, а овој нов мандат ќе биде со важност до јануари во 2025 година.


Жељко Бабиќ потпиша нов тригодишен договор со Еурофарм Пелистер

РК Еурофарм Пелистер и тренерот Жељко Бабиќ потпишаа нов договор со важност до јуни 2024 година. Клубот и хрватскиот тренер се на иста бранова должина и заеднички ќе ја продолжат надградбата на проектот.
48-годишниот Бабиќ дојде во Битола во првите денови од 2020 година и ја водеше екипата во прекинатата сезона заради коронавирусот и во првиот дел од тековната сезона, во која битолскиот клуб одигра шест официјални натпревари.
Пред да дојде во Еурофарм Пелистер, тренерот од Сплит работеше во Меткович, Кршко, Сплит, Горење Велење, Мешков Брест, а беше и селектор на хрватската ракометна репрезентација. Бабиќ е трет хрватски тренер во Битола, по Костелиќ и Мунетиќ.


Црногорецот Шеваљевиќ потпиша за Вардар

Васко Шеваљевиќ во следните 18 месеци ќе биде член на тимот на Вардар 1961. Шеваљевиќ веќе утре ќе пристигне во Скопје и ќе се приклучи на тренинзите на тимот.
Шеваљевиќ игра на левата бековска позиција и ќе биде засилување за „црвено-црните” во пролетниот дел на сезоната во која вардарци имаат многу згуснат календар.
Црногорецот нема да биде во составот за средбата со Војводина што се игра попладнево во 17:45 часот, но ќе конкурира кај тренерот Алушовски за следните дуели, па и оној со Нексе на 1 февруари во Скопје.
Овој ракометар потекнува од Ловќен, Црна Гора, а во кариерата има играно и за екипите на Сан Антонио (Шпанија), Динамо Минск (Белорусија), Хановер (Германија), Тулуз (Франција), Трембле (Франција) и во последните две години во Истр (Франција). Стандарден репрезентативец на Црна Гора и капитен на последното ЕП во Австрија.


Бабиќ задоволен од хрватската турнеја: Ми се допаѓа напредокот на Кукуловски

Тренерот на ракометарите на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, вели дека е задоволен од подготовките во Загреб и прикажаното на контролните мечеви. „Ракометарите одлично се ангажираа деновиве. Во текот на сите натпревари покажавме задоволителен интензитет. Задоволен сум, иако ни недостасуваше реализација. Очекувам во наредните 10-15 дена да играме во подобра форма. Тоа е очекувано, со оглед на големата пауза. Исто така ни фалат неколку играчи, кои беа дел од репрезентацијата. Верувам дека за првиот дуел во пролетната полусезона во СЕХА лигата ќе бидеме комплетни. Се надевам дека ќе започнеме успешно. Добро се презентиравме на овие натпревари против силни противници. Одличен потег беше да се дојде тука во Хрватска. Им дадовме шанса на ракометарите кои играа помалку и тие добро се претставија. Посебно, сакам да го потенцирам настапот на Кукуловски. Покажа дека е голем потенцијал и Еурофарм Пелистер заврши голема работа што го доведе во клубот. Очекувам во текот на сезоната да го развие својот потенцијал и еден ден да дојде во македонската репрезентација“, потенцираше тренерот на битолчани.


Данило Брестовац веќе не е селектор на Македонија

По исклучително лошиот настап на Светското првенство во Египет, сениорската ракометна репрезентација на Македонија се враќа дома со освоено 23. место.
Лошиот настап на Мундијалот влијаеше на промена на селекторот, па Данило Брестовац од денеска повеќе не е предводник на А селекцијата.
„Ракометната Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската куќа на ракометот и г. Данило Брестовац, на 26 јануари 2021 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на машките ракометни сениори.“ – соопштија од РФМ.
Брестовац беше назначен за селектор на Македонија во јуни 2019. година.


Мукаетов доби поддршка од сите македонски клубови

Македонската ракометна федерација веќе го закажа организирањето на Изборното Собрание за избор на претседател на РФМ. Актуелниот прв човек на РФМ, Живко Мукаетов повторно се кандидира за позицијата претседател, а сите клубови од Македонија му изразија поддршка. Со официјален документ, на кој се потпишаа и ставија клупски печати, сите македонски екипи застанаа зад сегашниот претседател, што е доказ дека Мукаетов одлично ја вршел својата работа досега. Со овој допис во кој клубовите ја изразуваат поддршката за Мукаетов станува јасно дека на 31 јануари нема да има многу дилеми кој ќе продолжи да ја води федерацијата. Бидејќи еден клуб не може да даде поддршка на двајца претседателски кандидати, тоа значи дека Живко Мукаетов ќе биде претседател најмалку до 2025 година. Изборното Собрание на РФМ е закажано за 31 јануари во хотелот Александар Палас со почеток во 12:00 часот. Сите делегати од машките и женските клубови застанаа зад Мукаетов, па тоа значи дека ќе бидеме сведоци на реизбор на Муакетов за прв човек на федерацијата за уште еден мандат.