останато

Футсалците ја совладаа Шведска во квалификационен дуел во Скопје

Македонската футсал репрезентација славеше над Шведска со 3-1 во последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство.

Со овој триумф избраниците на Васко Скендеровски остануваат во игра за елитната рунда во мундијалските квалификации, односно ќе чекаат услуга од Италија која веќе ја има завршено својата задача.

Ако Италијаните слават против Шведска на 8 март, тогаш нашиот национален состав оди во наредната фаза.

Кога се работи за вечерашниот меч во СЦ „Јане Сандански“, Ранготов ни донесе водство од 2-0, потоа Диаз намали на 2-1, а конечните 3-1 ги постави Леовски во 38 минута.


Леклер: Болидот на Ред Бул сезонава е од друга планета

Пилотот на Ферари, Шарл Леклер, ги сумираше впечатоците од Големата награда на Бахреин, препознавајќи значително заостанување во брзината во однос на Ред Бул. Леклер не успеа да стигне до целта на трката поради дефект на моторот.

„Очекувавме да заостанеме овој викенд, особено во однос на Ред Бул. Овој тим во моментов е како од друга планета. Но, затоа треба да се обидеме да заработите што повеќе поени на секое Гран При. Не можевме да го направиме тоа денес. Понекогаш бевме една секунда побавни од Ред Бул во круг. Сега тие се во друга категорија, затоа треба да работиме напорно и да најдеме решение, бидејќи ако продолжи вака, ќе имаме тешкотии да им бидеме конкуренција“, изјави Леклер.


Макс Верстапен е победник на првата Ф1 трка во новата сезона

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, е победник на првата трка од новата сезона во Формула 1 шампионатот која се возеше за Големата награда на Бахреин.

За бранителот на титулата во Ф1, Холанѓанецот Верстапен, ова беше 36.победа во кариерата, а прва на патеката во Бахреин.

Второто место му припадна на неговиот тимски колега, Серхио Перез од Мексико, додека како трет на подиумот се искачи Фернандо Алонсо од екипата на Астон Мартин.

Следна трка на распоредот е на 19. март, а ќе се вози за Големата награда на Саудиска Арабија.


Верстапен задоволен од промените на новиот болид

Пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен го сподели своето мислење за тоа како тимот моментално ги поминува претсезонските тестови.

Досега тестовите добро поминуваат. Четвртокот беше особено успешен, кога возевме многу кругови и можевме да испробаме многу различни работи. Вчера се фокусиравме на деталите и продолживме со мали чекори. Болидот реагира многу добро на сите наши промени. Научивме и многу – што ќе ни биде корисно за една недела и во следните трки. Многу ми е мило, вели Верстапен.

Прекрасно е да се види како автомобилот се соединил како целина, додава, напоменувајќи дека сè поминало без проблеми уште од првите метри.

И тука мора да им оддадеме почит на сите момци во базата на Ред Бул, кои работеа напорно цела зима, па дури и минатата година. Секогаш кога ќе седнам зад воланот на автомобил, се чувствувам прилично удобно и можеме веднаш да почнеме да работиме. Ова е исто така важно. Според мене, два дена тестирање поминаа добро. Секако, ќе видиме колку всушност сме брзи тука директно на Гран при, но јас сум задоволен и оптимист, изјави Верстапен.

Холанѓанецот ја освои шампионската титула во последните две сезони од Формула 1 шампионатот.


Фемке Бол собори децениски рекорд на 400 метри во сала

Холанѓанката Фемке Бол направи сензација на националното првенство, соборувајќи многу стар светски рекорд.

Бол го собори рекордот во трката на 400 метри во рамките на холандскиот шампионат, со што го надмина времето на Јармила Кратошвилова од пред 41 година.

Холандската атлетичарка ја претрчала делницата за 49,26 секунди, со што го собори рекордот за 33 стотинки во својата прва трка во која истрча време под 50 секунди.

На овој начин Бол ја потврди доминацијата на оваа делница, откако на последното ЕП во Минхен стана прва атлетичарка која победила на 400 метри и 400 метри со пречки.


Краузер го собори светскиот рекорд во фрлање ѓуле

Двократниот олимписки шампион Рајан Краузер го собори сопствениот светски рекорд во фрлање ѓуле откако успеа да го фрли ѓулето на далечина од 23,38 метри за време на турнирот во сала во Покатело, Ајдахо, објави Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (IIAF).

30-годишниот Американец го надмина и рекордот на отворено што сам си го постави со 23,37 метри на Олимписките квалификации во 2021 година во Јуџин.

Рекордот во затворен простор беше 22,82 метри, што Краузер го постигна претходно оваа година. Краузер, кој е актуелен светски шампион, по седми пат во кариерата ја надмина границата од 23 метри.


ФИФА донираше еден милион долари за погодените од земјотресот во Турција и Сирија

Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) донираше милион долари преку својата добротворна фондација за набавка на хуманитарна помош за луѓето погодени од земјотресите во Турција и Сирија, соопшти денеска организацијата.

Вкупниот број на починати во двете земји надминува 43 илјади луѓе, а на уште милиони им е итна потреба од помош. Голем дел од нив останаа без домови. Од ФИФА објаснија дека парите ги поделиле по консултација со фудбалските федерации на Турција (ТФФ) и Сирија (СФА), како и со меѓународните невладини организации.

„Донациите ќе бидат искористени за купување и дистрибуција на основните хуманитарни производи и предмети, како и за обезбедување привремено засолниште. ФИФА ќе продолжи да соработува со ТФФ и СФА додека ги разгледува следните чекори“, објави светската централа.

Минатата недела и англиската Премиер лига објави дека ќе донира 1 милион фунти. Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) даде првичен итен придонес од 200.000 евра.


Том Брејди најави дефинитивно заминување во пензија

Легендарниот квортербек на американската НФЛ лига, и еден од наjуспешните спортисти во тимските спортови, Том Брејди, објави дека дефинитивно става крај на својата кариера, и заминува во играчка пензија.

45-годишниот Брејди, својата одлука за повлекување ја објави преку видео порака на социјалните мрежи. Тој во својата кариера има освоено седум НФЛ титули, а дури пет пати беше прогласуван за најкорисен играч (МВП) на финалните натпревари во Супербол.

Брејди од 2000. до 2019. година беше дел од екипата на Њу Ингланд Патриотс, од каде замина во Тампа Беј Баканирс.

Легендарниот играч имаше свое повлекување од НФЛ лигата и на почетокот од минатата година, но после два месеци се предомисли и се врати во Тамба Беј каде ќе ја одигра својата последна сезона.


Одредени термините за Европското првенство во одбојка во Скопје

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги објави термините за натпреварите во групната фаза на претстојното Европско првенство 2023. 

Македонија ќе биде домаќин на групата„ Ц“ во Скопје од 30-ти август до 06. Септември. Првите четири репрезентации од групата ќе одат во наредната елиминациска фаза. Еве го комплетниот распоред на македонската селекција со термини.

30.08.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Данска

02.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Црна Гора

03.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Полска

05.09.2023 (17 часот): МАКЕДОНИЈА – Холандија

06.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Чешка


Герет Бејл започнува голф кариера

Неколку денови откако објави крај на својата фудбалска кариера, Герет Бејл најави дека започнува со професионално играње голф.

Сега веќе поранешниот велшки фудбалски репрезентативец, преку Инстаграм пост најави дека ќе учествува на професионален голф турнир со награден фонд од седум милиони евра.

За Бејл уште од порано е познат фактот дека е вљубеник во играњето голф, и додека беше член на Реал Мадрид приоритет му беше посeтување на голф терените.