останато

Валентино Роси во дилема дали да замине во пензија

По првиот дел од сезоната 2021 година, седумкратниот првак во Мото ГП, Валентино Роси ќе одлучи дали ќе ја продолжи кариерата и во 2022 година. Оваа вест ја објави најблискиот пријател и колега на Роси, Алесио Салучи. Во 2021 година, Роси се пресели од Јамаха во тимот на СРТ и прашање е дали ќе биде задоволен од перформансите на моторот кој ќе ги добие. Легендата на Мото ГП наполни 42 години во февруари, но се уште не се решил за пензионирање. „Ќе зависи од трките на старот на сезоната. По првите шест или седум трки ќе видиме колку е среќен, колку е конкурентен. Во тој момент ќе донесеме одлука, што понатаму“, рекол Салучи.


Одложена првата трка на Светското скијачко првенство

Првата трка на Светското првенство во скијање во италијански Кортина д’Амбецо е одложена денеска поради силните падежи од снег.
Организаторите поради лошите временски услови мораа да ја откажат денешната трка во женска конкуренција во алпска комбинација, а Меѓународната скијачка федерација наведе дека новиот термин ќе биде познат наскоро.
Фаворити во алпска комбинација се Микаела Шифрин, Петра Влхова, Мишел Гизин и Федерика Брињоне.
За утре, предвидени се трките во машка и женска конкуренција во супервелеслалом.
Светското првенство во Италија се одржува без публика, со оглед на мерките поради пандемијата.


Том Брејди има повеќе титули од било која НФЛ екипа!

Квотербекот на Тампа беј, Том Брејди е прогласен за најкорисен играч на овогодинешниот Супербол, на кој Тампа го победи бранителот на титулата, Канзас Сити со убедливи 31:9.
Најголемиот играч на сите времиња напиша уште едно поглавје во својата легендарна кариера. Во своето десетто финале, Брејди го освои седмиот прстен и петтата титула за најкорисен играч на финалето.
Во победата на Тампа, тој испорача три тачдауни за 201 метар. Брејди сега има барем две титули повеќе од било кој НФЛ играч во историјата и една повеќе од било која екипа во НФЛ лигата.
Зад него е Чарлс Хејли со пет титули, додека од клубовите најмногу има Њу Ингланд, шест.
„Горд сум на овие момци, на се што се соочивме во текот на целата година. Имавме тежок ноември, но тренерот имаше доверба во нас, тимот имаше голема самодоверба. Мислам дека знаевме ова ќе се случи вечерва, зар не? На крајот одигравме најдобро што можевме за крај на годината.“ – изјави Брејди.
Тој минатата година ги напушти Њу Ингланд каде помина 20 сезони и одигра девет Супербол натпревари и одлучи да ја продолжи кариерата во Тампа Беј, екипата која единствената титула ја освои во 2003. година. Веќе во првата година во својот нов клуб, Брејди успеа да стигне до тронот.


Гаревски и Илиев спремни за еЕУРО 2021

Давид Гаревски и Ташко Илиев ќе ја претставуваат македонската репрезентација на квалификацискиот турнир за пласман на eEURO 2021 година. Битолчаните беа најуспешни на квалификацискиот турнир кој го организираше Фудбалската федерација на Македонија во соработка со македонската Еспорт федерација.
Драго ни е што ќе бидеме македонски претставници во главните квалификации за пласман на еЕУРО 2021. На турнирот во Скопје имаше навистина голема конкуренција. Можеби не бевме меѓу главните фаворити, но успеавме да победиме. Заедно играме речиси три години и за нас ова веќе е повеќе од разонода и хоби. Во периодот што следува сигурно повеќе ќе се фокусираме на играта и нашиот напредок и се надеваме дека ќе се претставиме во позитивно светло на квалификациите.
Формацијата која ја избравме и ни донесе резултат е 4-3-3. Димитриевски на голот, во одбраната Муслиу, Зајков, Алиоски и Кире Ристевски, во средниот ред Адеми, Барди и Елмас и во нападот Пандев, Трајковски и Несторовски. Дарко Велковски, Аврамовски и Стојановски влегоа како резерва. Ние сме и менаџери и играчи и во зависност од натпреварите и можноста да користиме одредени фудбалери ја поставуваме формацијата и играта. Иако се ова е виртуелно, се разбира дека е потребно тренирање, односно посветеност“, изјавија Давид и Ташко.
Главните квалификациите ќе се извлекуваат на 8 февруари во Лондон.


Се снима документарец за Шумахер, јавноста конечно ќе може да го види

Поминаа нешто повеќе од седум години од несреќата на Михаел Шумахер на француските Алпи, а јавноста наскоро би требала да дознае во каква состојба се наоѓа некогаш најдобриот возач на Формула 1 во светот.
Имено, веќе се снима документарец за Формула 1 великанот, кој едноставно ќе се вика „Шумахер“. Веста ја потврди и портпаролот на семејството, а освен пресек на неговиот живот и кариерата, ќе се зборува и за несреќата, а режисерите на располагање ќе добијат и фотографии од Шумахер од последните седум години по истата.
Од 2013. година, доста малку се знае за здравствената состојба на Шумахер, а информациите најмногу доаѓаат од извори блиски на семејството, не од самото семејство.
Потврдено е дека во документарниот филм ќе зборуваат и членови на семејството, сопругата на Михаел, таткото Ралф, ќерката Џина-Мариа и синот Мик, кој неодамна избори влез во Формула 1.
Шумахер веднаш по таа несреќа при скијање во 2013. година беше со хеликоптер пренесен во најблиската болница, каде докторите потврдија дека неговата состојба е сериозна. Беше пренесен во француски Гренобл, каде подлегна на две операции, а потоа беше ставен во индуцирана кома како би се сочувале што повеќе од неговиоте мозочни функции.


Еден од најстудените градови во светот сака да биде домаќин на ЛОИ

Сала, најстудениот град во Финска во Лапонија, објави дека ќе се кандидира за домаќин на Летните Олимписки Игри во 2032. година во рамки на кампањата за подигнување на свеста за последиците од глобалното затоплување. Малиот град кој е свестен северно од Арктичкиот круг, каде температурите од 50 степени под нулата не се невообичаени, ја најави својата кандидатура признавајќи дека тоа е „луда идеја“, но со сериозна порака. „Нашата намера тука е јасна: сакаме да ја сочуваме Сала таква каква што е, а нашите зими да останат студени и исполнети со снег.“ – изјави градоначалникот на Сала, Ерки Паркинен. „Така се роди оваа луда идеја: да се организираат летните олимписки игри во еден од најстудените градови на светот.“ Тој додаде дека доколку Сала ги организира ОИ 2032. година, тоа ќе значи дека температурите продолжиле да растат. Кандидатурата на Сала ја следат сите елементи на сериозен кандидат, вклучувајќи го логото, маскота, униформи, книга за кандидатурата и промотивни активности. Меѓународниот олимписки одбор за домаќин на Игрите во 2032. година ќе одлучува пред 2025. година, а веќе неколку градови, освен Сала, изразија интерес за домаќин. Тоа се Доха, Мумбај и регионот Рајна-Рур во Германија.


Стојоски истрча норма на 400 метри за ЕП во сала во Полска

Јован Стојоски се избори за учество на Европското првенство во сала за сениори и сениорки, кое на програмата е од 5 до 7 март во Полска, откако триумфираше на Атлетскиот митинг „Црвена Звезда“, кој изминатиов викенд се одржа во Белград, соседна Србија. Стојоски прв мина низ целта на 400 метри, триумфирајќи со време 47 секунди и 57 стотинки, поправувајќи личниот рекорд. Атлетичарот на АК Охрид освојувајќи 1069 бодови според ИААФ рејтингот ја исполни нормата и ќе биде дел од континенталниот собир во Полска. Во следниов период, Стојоски, сигурно ќе го „нападне“ рекордот на Исмаил Мачев на 400 метри, стар 34 години. Стојоски на митингот во Белград заостана само осум стотинки. Покрај Стојоски, со златен медал во Белград се закити и Дарио Ивановски. Најдобриот атлетичар во Македонија победи на 3 000 метри, со време од 8 минути, 5 секунди и 98 стотинки.


Брејди прави чуда, ја одведе својата екипа до прв Супербол во историјата!

Минатогодишните победници на Суперболот, Кансас Сити Чифс на свој терен ги победија Бафало Билс со 38:24 во финалето на АФЦ, па на 7. февруари во Тампа ќе се обидат да го повторат триумфот од минатата сезона, а противници ќе им бидат Баканирс, кој во НФЦ финалето славеа со 31:26 на гостувањето кај Грин Беј Пекерс.
Во Грин Беј, Тампа предводена од 43-годишниот Тмо Брејди стигна до победа и стана првак во својата конференција, па избори место на 55. Супербол кој ќе биде одигран на стадионот Рејмонд Џејмс во Тампа, каде Бакси ги играат своите домашни натпревари.
Двобојот во Грин Беј беше решен со одличната одбрана на гостинската екипа и изведбата на Брејди во првите 35 минути, по кои Тампа водеше со 28:10, а нивниот 43-годишен лидер имаше три одлични додавања за тачдаун.
Брејди во претходните девет настапи на Супербол има шест победи со Њу Ингланд, кој го напушти сезонава по цели 20 години.
Канзас Сити ќе се обиде да ја одбрани титулата, а последна екипа на која тоа и успеа беше Њу Ингланд, кој во 2003. и 2004. беше предводен до својата втора и трета титула токму од Том Брејди.


Со само 16 години, стана првата жена која е дел од Ферари!

Славната италијанска Ф1 екипа Ферари, потврди дека има договор со 16-годишната холанѓанка Маја Војг, кој ќе стана првата жена дел од возачката академија на Ферари во Ф1. Војг беше победник на петдневниот камп во седиштето на тимот и на тест возењата во Маранело и Фиорано, а бидејќи како женско беше побрза од поголемиот број нејзини противници, ќе добие прилика да се натпреварува во првенството Формула 4. Директорот на Академијата, Марко Матаса изјави дека таа постигна најголем број на поени од сите во историјата на кампот. „Ова е клучен момент во историјата на Скудерија Ферари и неговата академија.“ – изјави шефот на Ф1 тимот, Матија Биното, кој додаде дека доаѓањето на Маја е јасен показател на Ферари дека мото-спортот е се поинклузивен и рамноправен. Војг е родена во Шпанија, има мајка од Белгија и татко од Холандија. Академијата на Ферари досега помогнала на пет возачи да стигнат до Формула 1, вклучувајќи го возачот на Ферари Чарлс Леклерк и дебитантот Мик Шумахер. Формула 1 немала жена возач да се натпреварува за Големата наградата уште од покојната италијанка, Лела Ломбарди во 1976. година.


Јапонија се откажува од Олимписките игри?!

Јапонските власти одлучно ја демантираат гласината дека Олимписките игри во Токио нема да се одржат годинава. Вториот бран на пандемијата на КОВИД-19 жестоко ја погоди Јапонија, а според анкетите, 77 отсто од јапонците сметаат дека Олимписките игри треба повторно да се одложат или целосно да се откажат.
Лондонски „Тајмс“, повикувајќи се на неименуван јапонски функционер, објави дека тамошните власти заклучија дека Олимписките игри, кои минатата година беа одложени, не можат да се одржат ниту годинава, а веста ја пренесуваат бројни светски медиуми.
Јапонската Влада одговори на гласините со соопштение во кое тврди дека премиерот Јошихиде Суга е одлучен дека Игрите ќе се одржат со воведување на дополнителни епидемиолошки мерки.
„Сите наши партнери, вклучувајќи ја и Владата, властите во Токио, организацискиот одбор на Игрите и Меѓународниот олимписки и параолимписки сојуз, целосно се фокусирани на одржување на Игрите годинава. Се надеваме дека секојдневниот живот ќе се нормализира што поскоро и ќе продолжиме да даваме се од себе да подготвиме безбедни Игри.“ – стои во соопштението.