Анкалаев е нов УФЦ шампион во полутешка категорија
Рускиот УФЦ борец Магомет Анкалаев е нов шампион во полутешка категорија, откако по пет рунди со едногласна судиска одлука го победи бразилскиот борец Алекс Переира.
Но, оваа борба, барем според фановите и оние кои сето тоа го следеа во живо, не ги оправда очекувањата.
Знаеше да се слушне и исвиркување од трибините, барајќи многу повеќе акција и возбуда во рингот, но присутните не го добија тоа.
Миленкоски по третпат ќе ја води македонската одбојкарска репрезентација
Најдобриот македонски одбојкарски стратег, Јошко Миленкоски е назначен за нов предводник на македонската машка репрезентација.
Трофејниот стратег по трет пат ќе седи на клупата на машкиот сениорски национален тим. Актуелниот тренер на грчки ПАОК во претходниот мандат стигна до историско осминафинале на европскиот шампионат.
Управниот одбор на ОФМ, потврди, дека Стефан Пауновиќ ќе продолжи да ги води одбојкарките заедно со Душко Деспотовски.
Словенија го собра златото од Светското првенство во ски-скокови во Норвешка
Последното случување во скијачки скокови на овогодинешното Светско првенство во Трондхајм, донесе нова радост за Словенија, нов успех и потврда на доминацијата на Словенците во скијачки скокови.
Домен Превц ги надмина сите на големата скокалница (140,5 метри). Така натпреварувачите од Словенија го крунисаа успешното Светско првенство во Норвешка, а неговата сестра Ника Превц исто така имаше успешен настап. Ника пред два дена го освои златото со 150,9 поени.
Исто така машката селекција на Словенија ја одбрани светската титула од пред две години во Планица. Словенија во составот на Ловро Кос, Домен Превц, Тими Зајц и Анже Ланишек одлично го одработи својот дел од работата и славеше со 13,4 бодови пред Австрија, која беше фаворит.
Футсалците загубија од Холандија во Скопје
Футсал репрезентацијата на Македонија загуби со 0-3 од селекцијата на Холандија на домашен терен во натпревар од 5. коло од групата 7 од квалификациите за пласман на ЕП.
Во спортска сала „Јане Сандански“ во Скопје, Македонија одигра добро прво и лошо второ полувреме. Сите погодоци противникот ги постигна во второто полувреме.
Избраниците на селекторот Васко Скендеровски одиграа добро во првиот дел, создадоа неколку солидни прилики за постигнување на погодок, но без реализација.
Во продолжението од натпреварот, Кемпс во 24. минута го отвори резултатот. Минута подоцна Холандија преку Мартинус зголеми на 2:0. Истиот играч во 35. минута по втор пат се запиша во листата на стрелците на денешниот натпревар.
Кадилак пријави тим за следната Формула 1 сезона
Во ноември минатата година, Кадилак начелно постигна договор за влез во „најбрзиот циркус“, а откако беше завршена целата процедура, ФИА и Формула 1 сега потврдија дека во 2026 година ќе има 11 тимови.
Кадилак во првите години ќе користи мотори на Ферари, целта на Џенерал Моторс е до крајот на оваа деценија да може да развие сопствена погонска единица со која ќе им парира на ривалите.
„Како што кажавме во ноември, посветеноста на Џенерал Моторс да го донесе Кадилак во Формула 1 е важен и позитивен показател за еволуцијата на нашиот спорт. Со нетрпение чекам да му посакам добредојде на новиот тим на гридот во 2026 и да бидеме сведоци на уште една возбудлива година во Формула 1“ – рече претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали.
Трајковски осми во Европа во скок во далечина во сала
Андреас Трајковски го освои осмото место во скок во далечина на Европското првенство во атлетика во сала, што се одржува во Апелдорн, Холандија. Со ова, тој испиша историја, станувајќи првиот од Македонија кој се пласирал во финале на едно вакво големо натпреварување.
Во вчерашните квалификации, Трајковски блесна со скок од 7,85 метри, што му обезбеди место меѓу најдобрите. Денеска, неговиот најдобар обид беше 7,65 метри, што на крајот му донесе осма позиција во силната конкуренција.
Тој отвори со 7,59 метри во првата серија, потоа направи престап во втората, а во третата серија постигна 7,65 метри. Во четвртата серија неговиот скок беше за два сантиметри покус од претходниот, додека во последните две серии направи престап.
И покрај тоа што не успеа да се доближи до својот резултат од квалификациите, самиот влез во финалето претставува огромен успех за македонската атлетика.
Изненадувачки, златниот медал го освои Божидар Сарабојуков со скок од 8,13 метри во последната серија, за еден сантиметар подобар резултат од Италијанецот Фурлани и Шпанецот Лескај.
Парис најбрз на спустот во Квитфјел
Италијанскиот скијач Доминик Парис победи на денешната трка во спуст, која во рамки на Светскиот куп во алпско скијање се одржа во норвешки Квитфјел.
Парис победи со време од 1:44,67 минути, минувајќи низ целта со 32 стотинки подобро време од второпласираниот Марко Одермат и неговиот сонародник Стефан Рогентин кој заостана 63 стотинки зад победникот.
Лидер во генералниот пласман на Светскиот куп и натаму е Одермат со 1.386 бодови, 440 повеќе од второпласираниот Хенрик Кристоферсен од Норвешка.
Одермат води и во поредокот за спуст со 525 бодови, 103 повеќе од второпласираниот Франц фон Алмен, додека Парис е седми со 222 бода.
Натпреварувањата во Светскиот куп продолжуваат утре за кога е закажана втората трка во спуст во Квитфјел, по што ќе следи супервелеслаломот на истото место в недела.
Познати полуфиналните парови од Купот на Македонија во одбојка
„Финале пред финалето“ донесе ждрепката за полуфиналните парови од завршниот турнир од Купот на ОФМ во женска конкуренција. Одбојкарките на Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ ќе се соочат во второто полуфинале кај дамите, закажано за в петок (4 април) од 19 часот, што судијќи според досегашните меѓусебни дуели ќе биде едно од највозбудливите натпревари во салата „25 Мај“ во Радовиш. Претходно, во првото полуфинале од 16 часот ќе се соочат Наковски Волеј и Фит Фан Волеј. Патот до титулата во женска конкуренција е отворен, откако бранителот на трофејот Струмица жени беше елиминиран во осминафиналето.
Тридневната куп-програма стартува ден порано, на 3 април, кога се играат машките полуфиналиња. Во првото полуфинале бранителот на пехарот Штип УГД ќе се соочи со Работнички 71&амп;22 од 16 часот, додека Струмица 47&амп;72 ќе игра со Борец во второто полуфинале од 19 часот.
Одбојкарска федерација на Македонија заедно со општина Радовиш како технички организатор од 3 до 5 април во салата „25 Мај“ во Радовиш ќе ги пречека најдобрите четири екипи во Купот во машка и женска конкуренција.
Кличко ќе ја прекине пензијата и ќе се врати во рингот
Владимир Кличко е еден од најдобрите боксери во историјата. Украинецот беше неприкосновен светски шампион од 2008 до 2015 година, а титулите ги бранеше 25 пати. Кариерата ја заврши во 2017 година, по поразот од Ентони Џошуа и рекорд од 64 победи и пет порази.
Откако се повлече од спортот, се занимава со политка. Неговиот брат Виталиј е градоначалник на Киев. Сепак, според последните информации на американските медиуми, славниот Украинец би можел да се врати во рингот на 49-годишна возраст.
Имено, неговиот долгогодишен менаџер и промотор Том Лофлер во интервју за „The Ring“ изјави: „Владимир е историска личност. Не сакам да шпекулирам во негово име, но од она што го разбрав, тој сака да се врати во борба за титулата“.
“Ако некој може да се врати на оваа возраст, тоа е тој. Тој е во врвна форма и секогаш кога ќе го видам, тој е ист како кога имаше серија од 25 одбрани титулата. Има многу навистина добри борби за него. Реваншите со Џошуа и Фјури. Борбата за титулата со Дубоа би била одлична борба”, додаде Лефлер.
Доколку се врати и го нападне појасот, ќе има шанса да стане најстариот шампион во тешка категорија во историјата. Тој рекорд сега го држи Џорџ Форман, кој беше шампион на 45-годишна возраст.
Веќе се појавија гласини дека Кличко би можел да се врати во рингот, во борба за појасот на ИБФ што го држи Дубоа, во спротивно ќе мора да се бори со својот сонародник Усик, што не го сака.
Историски успех: Трајковски се пласира во финалето во скок во далечина!
Историски успех за македонската атлетика. Андреас Трајковски се пласираше во финалето во скок во далечина на ЕП во сала.
Македонскиот репрезентативец Андреас Трајковски, член на АК Работнички, со нов национален рекорд во сала со скок од 7 метри и 85 сантиметри го освои 7-то место со што обезбеди место во финалето на Европското првенство во сала кое се одржува во Апелдорм (Холандија).
Во првата серија Андреас прескокна 7.51 метар, во втората 7.77 метри и во третата серија 7.85 метри. Ова е огромен успех за Андреас и Македонија, прв македонски атлетичар што обезбедил финале на едно Европско Првенство во атлетика.
Финалето во скок во далечина е на програмата утре (петок) со почеток во 20:34 часот.