Атлетико му објави војна на Барселона: Мадриѓаните поднесуваат тужба до ФИФА за Хулијан Алварез

Кршливото примирје меѓу елитата во Ла Лига е повторно нарушено. Атлетико Мадрид се подготвува да поднесе официјална жалба до ФИФА против Барселона поради наводни нелегални преговори со нивниот напаѓач, Хулијан Алварез.
Според неофицијалното соопштение кое клубот го достави до шпанскиот весник Diario AS, на раководството на Атлетико им прелеа чашата од трансфер-тактиките на каталонскиот гигант. „Планот е да поднесеме тужба до ФИФА бидејќи Барселона преговара со фудбалер кој има важечки договор“, порачаа мадриѓаните, најавувајќи правна битка која би можела сериозно да го затресе европскиот фудбал.
Ова не е првпат овие два шпански клуба да ги вкрстат копјата зад кулисите. Раководството на Атлетико не штедеше зборови, директно потсетувајќи на минатите преседани за да го илустрира она што го гледаат како системско однесување на Барселона.
„Веќе видовме како оперира Барселона. Додека Атлетико се подготвуваше за двомечот во Лигата на шампионите против Јувентус, тие им ветуваа провизии на сестрата на Гризман, на неговото семејство, па и на самиот играч…“: се вели во дописот на Атлетико до Diario AS.
Оваа реакција не враќа во 2019 година и горчливата сага околу Антоан Гризман, кога Мадриѓаните тврдеа дека Барселона тајно преговарала со францускиот напаѓач долго пред да биде активирана неговата откупна клаузула. Со отворањето на старите рани, „Јорганџиите“ јасно ставаат до знаење дека за нив случајот со Хулијан Алварез е само реприза на минатото, но овој пат нема намера да премолчат.
Реториката на Атлетико ескалираше од обично незадоволство во отворено непријателство. Во еден од најострите коментари во поновата историја меѓу два елитни клуба, челниците на Атлетико беа брутално искрени за своите ривали:
„Сите знаат дека тоа е клуб кој се служи со измами. Но, овој пат налетаа на противник кој нема само да се насмее на тоа“, децидни се од Мадрид.
Според строгите правила на ФИФА, на клубовите им е строго забрането да влегуваат во директни преговори со фудбалери под договор, освен ако до крајот на нивната обврска не преостануваат помалку од шест месеци. Заобиколувајќи ги официјалните канали за да му ја „заврти главата“ на Алварез, Барселона предизвика жесток одговор. Атлетико е подготвен да оди до самиот крај пред највисокото фудбалско тело, што ветува правен дуел кој до крај ќе ги тестира правилата на ФИФА против недозволено трансфер-мешање.