Барса не добила никаква понуда за Гризман

Барселона сè уште не добила никаква официјална понуда за напаѓачот Антоан Гризман, пренесува „Марка“. Каталонците бараат купувач за 30-годишниот фудбалер, кој во моментов прима најголема плата на „Камп Ноу“, откако Лионел Меси стана слободен играч.

Во оваа фаза, сепак, клубот сè уште нема добиено ниту една понуда за Французинот. Каталонците итно треба да го намалат буџетот за плати за новата сезона, со цел да ги исполнат барањата за Финансиски фер-плеј и да можат да ги пријават своите нови засилувања. Затоа сакаат да го продадат Антоан Гризман. Тој не ги оправда големите очекувања што ги имаше за него по неговиот трансфер од Атлетико Мадрид во 2019 година за 120 милиони евра.

Во исто време, тој добива огромна плата, од која сакаат да се ослободат на „Камп Ноу“. Гризман беше на чекор да се врати во Атлетико, но во последен момент двата клуба не се договорија и зделката пропадна. За него се заинтересирани Јувентус, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Челзи, но никој од нив сè уште не испратил официјална понуда до канцелариите на „Камп Ноу“. Гризман има договор со Барса до 2024 година.