Без гледачи на Олимписките игри во Токио

Олимписките игри во Токио ќе се одржат без гледачи, објави јапонската министерка за ОИ, Тамајо Марукава. Претходно, Јапонија прогласи вонредна состојба во државата поради пандемијата на коронавирусот, која ќе трае и за време на Игрите.

Организаторите на натпреварувањето, Меѓународниот олимписки комитет и јапонската Влада, поради тоа донесоа одлука дека сите натпревари ќе се одржат без гледачи, иако веќе беа продадени повеќе од три милиони влезници. Таквата одлука беше очекувана од причина што Јапонија бележи пораст во бројот на заразени, а забрзано се шири и делта сојот на коронавирусот.

Јапонија во средата пријави 2.180 новозаразени, од кои преку 900 беа во Токио. Вакцинацијата исто така оди доста споро, односно со две дози се вакцинирале само 15% од жителите.

Олимписките игри започнуваат на 23. јули, а ќе траат до 8. август.