Вајли: Да ја однесеме Македонија во светските квалификации!

Даниел Џејкоб Вајли е повторно во Скопје и што е најважно, како што и самиот вели, максимално подготвен го чека приклучувањето во тренажниот процес со останатите свои репрезентативни соиграчи.

Од моментот кога си замина кон САД, се случија доста работи. Најважната беше промената на играчката средина. По играњето во Гран Канарија, следуваше преселба во Сарагоса. А ова лето, играњето во црвениот дрес го замени со она во „сино-белиот“ на екипата на Будуќност од Подгорица.

„Реков пред некое време, полека но сигурно станувам ‘балканец’. Претходно добив македонски пасош, сега ќе играм за екипата на Будуќност од Подгорица, тоа е доста блиску до Скопје, и искрено ме радува што е така. Решив да играм во екипа која има одличен тренер, исто таков ростер, која секогаш се стреми да биде при врвот на европската кошарка. Ќе играме во Еврокупот, во АБА лигата во националниот Куп и шампионат. Тоа се доста обврски, но подготвен сум за новиот предизвик“- вели Вајли по слетувањето на скопскиот аеродром.

Но, за нас многу поважен е оној претквалификациски предизвик. Да бидеме подобри од селекциите на Швајцарија и на Словачка.

„Свесен сум за тежината која со себе ја носи играњето во дресот на националниот тим на Македонија. Би додал дека подготвен го дочекувам влегувањето во сала. Тоа ќе биде само продолжение- континуитет на мојата индивидуална работа која ја реализирав во изминатиот период во некои ‘домашни услови’. Пред себе си поставив една цел, заедно со соиграчите да ја однесеме Македонија во оној поважен сегмент од квалификациите за Светскиот куп“.