Втор пораз на нашата репрезентација од Швајцарија

На крајот на турнирот во Шопрон, добро прво полувреме и пораз од Швајцарците со резултат 53:71.

Одигравме многу подобро во однос на претходниот меч против Унгарија. Особено во првото полувреме, но не успеавме да ја надминеме психолошката бариера по тие 40. минути.

По втор пат на турнирот во Шопрон, селекцијата на Швајцарија беше подобра од нашата младинска.

Уште еднаш имавме сериозни проблеми во одбраната. Им дозволивме на противничките кошаркари да реализираат доста лесни поени. Особено тоа се однесува на второто полувреме во кое Швајцарците креираа висока предност.

Нашите добри минути во првото, во кое резултатот беше нерешен (29:29), ги снема со почетокот на третиот период од мечот за третото место на турнирот. Примивме дури 23 поени, дадовме 14, па Швајцарија поведе со 52:43.

На средината од последната четвртина, негативата беше уште повисока, (51:67) и недостижна за нашиот тим „Под 20“ години. Останавме на само осум дадени поени во последните десет на првенството во Унгарија кое го завршуваме на позицијата број 4.

Пред нас се Унгарија, Белорусија и Швајцарија, зад нас Луксембург, Словачка, Романија и Косово.