Вујовиќ: Комплетни сме и првпат фаворити оваа сезона

Вардар утре го очекува натпревар со Монпелје во рамките на Лигата на шампионите, а овој дуел се игра утре од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, и е дел од четвртото коло во групата А.

Пред овој натпревар тренерот Веселин Вујовиќ рече дека ќе може да смета на сите ракометари и до последен момент ќе размислува со кој состав ќе излезе на мегдан против Монпелје.

„Имам високо мислење за Монпелје. Сметам дека е историски тим, кој е достоен за респект. Ќе биде исклучително тежок натпревар и ќе нѝ биде потребна сета помош, особено од навивачите. Вардар е во одличен момент досега нема пораз во Лигата на шампионите, а имам проблем да изберам со кои 16 ќе истрчаме утре затоа што за првпат немаме проблеми со повреди и сите ги имам на располагање. Вардар е за првпат фаворит на еден меч, иако знаеме дека не чека тежок и интересен дуел. Одбраната секако повторно ќе биде клучна. Тешко е да добиете натпревар на кој ќе постигнете само 24-25 гола. Наша цел е да играме силна одбрана и тоа да ни овозможи да немаме паника во нападот. Ни помага тоа што и голманите беа на нивото изминатите неколку натпревари“, изјави Вујовиќ.

Досега Вардар и Монпелје имаат одиграно три натпревари во кои „црвено-црните“ имаат две победи и едно реми. Средбата се игра во СЦ „Јане Сандански“ од 20:45 часот.