Го освои УС Опен, па по 10 дена му даде отказ на тренерот

Ема Радукану го шокираше тенискиот свет откако пред нешто повеќе од 10 дена го освои УС Опен.

Сензационалната 18-годишна Британка стана првата тенисерка во историјата која дошла до гренд слем титула преку квалификациите, а Радукану притоа не загуби ниту еден сет. Играше феноменален тенис, а со неа заедно цело време беше тренерот Ендру Ричардсон. Но, по освојувањето на турнирот, Радукану одлучи да се раздели со Ричардсон и да бара поискусен тренер.

Ричардсон повремено работеше со Радукану, а на пат за Америка со неа го испрати тениската академија во Бромли, во која Британката тренираше. Никој не сонуваше дека таа би можела да оди до самиот крај, но откако тоа го оствари, Радукану заклучи дека и треба друг тренер.

„Во овој стадиум од мојата кариера, во кој играм со најдобрите тенисерки на светот, ми треба некој кој е искусен на ВТА ниво и кој е тука подолго време. Нова сум во овој свет и мислам дека добро би ми дошол некој кој водел тенисерки на највисоко ниво.“ – вели Радукану.

Со освојувањето на УС Опен, Радукану на ВТА листата скокна од 150. на 23. место.