Дримтимот во Токио без Џејмс и Дејвис

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис се најновите имиња кои нема да настапат за американската кошаркарска репрезентација на Олимписките игри во Токио, јавуваат локалните американски медиуми, повикувајќи се на извори блиски до двајцата играчи.

Џејмс во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата се мачеше со повреда и пропушти дури 27 натпревари поради истата,  додека Дејвис отсуствуваше од теренот речиси половина сезона, односно  на 36 натпревари поради повреди на потколеницата и проблеми со Ахиловата тетива. И двајцата планираат одморот да го искористат за санирање на повредите и што поспремни да ја дочекаат новата сезона во НБА.

Американскиот селектор Грег Попович би можел да остане и без кошаркарот на Голден Стејт, Стеф Кари, чии шанси за настап во олимпискиот тим на Игрите во Токио се 50-50.