ЕУРО 2020 – 11. Данска одблиску

Некогаш Лаудруп, денес Ериксен – Данска е луксузен аутсајдер на ЕУРО

Данскиот стил многу подолго се бараше од шведскиот за да стане влијателен во европскиот фудбал. Единствениот повоен успех беше полуфиналето на Европско првенство во 1958 година. Генерацијата на Соренсен, Мадсен, Даниелсен лесно стигна до полуфиналето, но таму наиде на моќниот Советски Сојуз на Виктор Понедељник, кој славеше со 3-0. Во натпреварот за третото место избраниците на Пол Петерсон загубија од Унгарија по продолженија со 3-1. Сепак, и тоа четврто место беше голем успех и резултат на кој Данците не му се приближија повеќе од три децении.

Приказната за данскиот подвиг на Европското првенство во Шведска веќе надалеку е позната. Данците дојдоа од плажа на местото на Југославија, која не настапи заради распадот на земјата, и станаа европски шампиони. Момците на Ричард Мелер Нилсон на шампионатот се пријавија без првата ѕвезда Михаел Лаудруп и беа сместени во силна група со Франција на Кантона и Жинола, моќната Англија и домаќинот Шведска. И не само што ја минаа групата, туку во полуфинале ја срушија навидум непобедливата Холандија на триото од Милан: Гулит-Ван Бастен-Рајкард, засилени со новата ѕвезда Денис Бергкамп. Шмајхел бранеше и возможно и невозможно и по изведување на казнени удари Данска ги „овена лалињата“ и се избори за финале против светскиот првак Германија.

Момците на Берти Фогтс кои мислеа лесно ќе минат против Данска, наидоа на „тврд орев“ и Јенсен и Вилфорт ја комплетираа бајката со победа во финалето со 2-0. Подоцна уште на два шампионати Данска оствари резултати над своите можности: четвртфинале на Светското првенство во 1998 година во Франција и на Европското првенство во Португалија во 2004 година, но не беше но блиску до златото од „Улеви“ 1992 година. Питер Шмајхел со 129 натпревари е рекордер по бројот на настапи во дресот со државниот грб, а Томасон и Тист Нилсен со по 52 гола се најдобри стрелци во историјата на националниот тим. Данските клубови никогаш не играле значајна улога во европските клупски натпреварувања. 

Данските ѕвезди и тоа како оставија трага во модерниот фудбал. Соренсен. Лерби, браќата Лаудруп, Повлсен и уште многу други ставија зачин во клупскиот фудбал и ги облекоа дресовите на најдобрите клубови на континентот.

Кој е Кристијан Ериксен – данската „алфа и омега“ во тимот

Во 2011 година, Кристијан Ериксен бил избран за дански фудбалер на годината, играјќи за Ајакс, и ја доби наградата Марко ван Бастен за најталентиран млад фудбалер. Тој ја освои холандската Ередивизие со Ајакс во сезоната 2010/11, 2011/12 и 2012/13 година пред да се пресели во англискиот Тотенхем Хотспур во август 2013 година, за сума од 11,5 милиони фунти. Беше избран за играч на годината на Тотенхем во сезоните 2013/14 и 2014/15, а исто така ja освоил и наградата за дански играч на годината трипати по ред. Денес игра за Интер, клуб со кој неодамна ја освои Серија А. 

Своето деби за Данска го имаше во март 2010 година, како најмлад фудбалер на Светското првенство во Јужна Африка.