ЕУРО 2020 – 21. Германија одблиску

Тројниот европски првак секогаш е моќен, Лев сака да замине од функцијата со титула

Од 1950 до 1990 постоеле две репрезентации од подрачјето на сегашната земја – Западна Германија која трипати беше светски шампион и Источна Германија која нема значајни резултати. Првиот натпревар заедничката репрезентација го одигра на 13 декември 1990 кога, заиграа Матијас Замер и Улф Кирстен. Едно време за репрезентацијата на Германија играа и Австријци и тоа пред Втората светска војна кога државата била припоена кон Третиот Рајх. Во 1954 година во Швајцарија, Германија ја освои титулата првак на светот победувајќи ја во финалето Унгарија со 3-2, иако претходно губеше со 0-2. Унгарија до тој момент одигра 32 натпревари без пораз што и понатаму претставува светски рекорд. Натпреварот е наречен чудото од Берн (по градот каде што се играше). Фриц Валтер го предводеше тимот кој го реализира тоа чудо. Титулата имала големо влијание на духот на нацијата и на економското закрепнување на земјата.

Германците прваци на Европа биле во три наврати, а скоро секогаш играла клучна улога до самиот крај на турнирите.

Лев врати два светски прваци во ростерот за Европското првенство

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јоаким Лев го објави списокот на играчи на кои ќе смета за престојното Европско првенство.

Поради повреда својот настап го откажа голманот Марк Андре Тер Штеген, Марко Ројс пак одлучи дека е најдобро е да одмори по напорната сезона, па Лев без овие двајца мораше да ја комплетира листата на која има двајца стари „волци“ повратници во националниот тим Томас Милер и Матс Хумелс.

Тие две години беа надвор од репрезентацијата, Лев долго време оддолеваше на притисокот од јавноста за да сега одлучи да ги врати назад искусните играчи кои знаат што значи да се носи овој дрес и да се оставруваат успеси.

Состав на Германија:

Голмани: Мануел Нојер (Баерн Минхен), Кевин Трап (Ајнтрахт Франкфурт), Бернд Лено (Арсенал)

Одбрана: Антонио Ридигер (Челзи), Матс Хумелс (Борусија Дормтунд), Матијас Гунтер (Борусија Менхенгладбах), Никлас Зуле (Баерн Минхен), Емре Чан (Борусија Дортмунд), Лукас Клостерман (Лајпциг), Робин Госенс ​​(Аталанта), Робин Конох (Лидс), Кристијан Гинтер (Фрајбург), Марсел Халстенберг (Лајпциг)

Среден ред: Џошуа Кимих (Баерн Минхен), Илкај Гундоган (Манчестер Сити), Томас Милер (Баерн Минхен), Каи Хаверц (Челзи), Тони Крос (Реал Мадрид), Леон Горецка (Баерн Минхен), Јонас Хофман (Борусија Менхенгладбах), Флоријан Нојхаус (Борусија Менхенгладбах)

Напад: Серж Гнабри (Баерн Минхен), Лерој Сане (Баерн Минхен), Џамал Мусиала (Баерн Минхен), Кевин Фоланд (Монако), Тимо Вернер (Челзи)

Пред Германците е навистина тешка задача затоа што се во групата на смртта заедно со Франција, Португалија и Унгарија.

Ројс одби да игра за Германија на континенталниот собир

Германскиот фудбалски репрезентативец, Марко Ројс го одбил повикот на селекторот Јоаким Лев да учествува на Европското првенство.

Фудбалерот на Борусија Дортмунд објави дека сака да се посвети на одмор и на подготовки за следната сезона.

Селекторот Јоахим Лев сметаше на услугите на искусниот 31-годишен офанзивец кој одигра одлична сезона во Борусија од Дортмунд. Но, играчот го одби неговиот повик велејќи дека му треба одмор.

„Одлуката беше многу тешка бидејќи секогаш сум бил горд кога сум го носел репрезентативниот дрес. Но, ова беше напорна година за мене, одиграв 48 натпревари и потребен ми е одмор за да бидам подготвен за наредната сезона. Ќе бидам голем навивач на Германија“, рече Ројс.

Тој навистина изминатава сезона одигра 48 натпревари на клупски план и тоа во четири различни натпреварувања. Има скор од 10 гола и 14 асистенции, а освои и еден трофеј, оној во ДФБ Покал (германскиот куп).

Ројс е германски репрезентативец од 2011 година од кога одигра 44 натпревари и постигна 13 голови. Нема настап за Германија од 2019 година кога селекторот одлучи повеќе да не ги повикува него, Томас Милер и Жером Боатенг.