Историски успех за македонскиот кајак: Благој Гугинов меѓу најдобрите десет во Европа

Македонскиот кајак испиша нова значајна страница на Европското јуниорско првенство во кајак на диви води – спуст, кое се одржува во Грандтули, Шкотска.

Младиот македонски репрезентативец Благој Гугинов оствари одличен резултат и обезбеди пласман во големото финале, каде што се натпреваруваат најдобрите 15 кајакари од квалификациите, во конкуренција на натпреварувачи од дури 19 европски нации. Самото место во финалето претставува голем успех, но пласманот на Гугинов во ТОП 10, односно 9. место во Европа во јуниорска конкуренција, добива уште поголема тежина ако се има предвид исклучително силната меѓународна конкуренција.

На Европското првенство учествуваат млади кајакари од 19 земји, а само најдобрите 15 по квалификациските возења добиваат можност да се борат за највисок пласман во финалната трка. Тоа значи дека секој пласман во финалето е потврда за квалитет, стабилност и подготвеност да се биде рамо до рамо со најдобрите млади кајакари на европската сцена.