Капарос го чека казна, нема да ја води Ерменија против Македонија

Хуан Капарос нема да ја води Ерменија во натпреварот на 11 ноември во Ереван кој ќе биде претпоследен во квалификациите за Светското првенство.

Капарос нема да биде на клупата на Ерменците поради исклучувањето кое го заработи вчера против Романија. Селекторот на Ерменија протестираше на една одлука на судијата Даниеле Орсато и на 20 минути до крајот заработи црвен картон.

Во нашата група Германија веќе го обезбеди првото место и директниот пласман на Мундијалот, додека ние заедно со Ерменија и Романија остануваме да се бориме за баражот. Романците се втори со 13 бода, ние сме трети со 12, исто толку има и Ерменија.