„Лудакот“ кој промени 31 клуб се опрости од фудбалот

Фудбалерот кој во својата кариера играше за рекорден 31 клуб, уругвајскиот напаѓач Себастијан „Локо“ Абреу, стави крај на својата кариера во 44. година.

„Стигна и денот кога, за промена, јас давам отказ.“ – коментираше Абреу, кој по бројот на клубови за кои играл доби место и во Гинисовата книга на рекорди.

Последниот натпревар го одигра во петокот за екипата на Суд Америка во уругвајското првенство, а веќе планира да продолжи со тренерска кариера, која ја започна во Ел Салвадор, со Санта Текла, и во Уругвај со Бостон Ривер.

Абреу играше во десет земји низ светот, но неговите клубови воглавно беа јужноамерички, започнувајќи од Дефенсор, каде ја започна кариерата, па уругвајските Насионал, Централ Еспањола, Бостон Ривер и Америка.

Тука се и три аргентински клубови – Сан Лоренцо, Ривер Плата и Росарио Централ, како и шест бразилски клубови – Гремио, Ботафого, Фигуеренсе, Бангу, Рио Бранко и Атлетик Клуб, додека во Европа играше за два шпански клубови – Депортиво Ла Коруња и Реал Сосиедад.

Патувањата го одведоа „глоубтротерот“ Абреу и во Мексико, каде играше за Текос де Гвадалахара, Круз Азул, Америка, Дорадос де Синаола, Сан Луис и Тигрес.

Да ја заокружи својата фудбалска култура, Абреу ги бранеше и боите на Беитар Ерусалим, Арис, еквадорски Аукас, парагвајски Сол де Америка, Санта Текла од Ел Салвадор, како и чилеанските клубови Депорте Пуерто Монт, Аудакс Италијано и Депортес Магаланеш.