Македонија со 77 спортисти во десет спорта на Медитеранските игри во Алжир

Пред заминувањето на нашите спортисти на Медитеранските игри кои ќе се одржат во Алжир од 25-ти јуни до 5-ти јули, македонската делегација денеска одржа прес-конфернција на која пристуствуваа дел од спортистите кои ќе бидат дел од нашата делегација во Оран, Алжир.

Владимир Богоевски како спортски директор на Олимпискиот комитет образложи со какви очекувања се патува на Медитеранските игри, кои тој ги посочи како добра шанса за македонските спортисти да ги измерат силите со најдобрите од други земји.

„Олимписките игри ни се на прво место, но Медитеранските игри се вид на натпреварувања на кои голем број наши спортисти имаат шанса да ги измерат силите со други натпреварувачи од големи држави. Во нормални услови тие би немале таква можност и затоа Медитеранските игри за нас во Македонија се многу важни“, изјави Владимир Богоевски кој додаде дека македонската делегација ќе брои 114 лица, од кои 77 ќе бидат натпреварувачи.

Македонските учесници ќе се натпреваруваат во 10 спортови (ракомет, одбојка, такевондо, џудо, карате, борење, пливање, атлетика, мечување и стрелаштво), а со најголеми амбиции патува сребрениот од Олимписките игри, таеквондистот Дејан Георгиевски.

„Ова ќе бидат втори Медитерански игри за мене, на минатите го освоив среброто во Шпанија. Сега одам по златото. Ние сме во одлична форма, се подготувваме четири-пет месеци за ова и се надевам дека таму ќе донесеме повеќе медали, не само од таеквондо, туку и во другите спортови. Минатиот пат освоивме шест медали, сега се надевам на повеќе, се надевам над десет. Ги поздравувам сите учесници и им посакувам многу среќа“, изјави Георгиевски.

Македонската спортска делегација вечерва со чартер лет од Скопје заминува за Оран, и ќе остане се до завршувањето на настапите на сите наши спортисти. Македонското знаме на отварањето на Медитеранските игри ќе го носат таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистката Симона Заборска.