Македонските кадети со победа го отворија Европското Б првенство во Скопје

Кадетската репрезентација на Македонија со убедлива победа против Кипар ги отвори настапите на Б-Европското првенство, кое денеска стартуваше во нашата земја.

Нашите млади кошаркари триумфираа со 82-63 и уште на самиот старт испратија јасна порака дека се подготвени за битка за едно од првите две места во групата кои носат пласман во четвртфиналето. Со исклучок на само 19 секунди во кои противникот имаше предност, Македонија имаше целосна контрола врз мечот и направи одлична увертира за далеку потешките предизвици што ја очекуваат во следните четири кола.

Блескава партија и вистинско шоу имаше Дион Шабани, кој оствари моќен дабл-дабл учинок од 37 поени, 10 скока и индекс 41. Одлична поддршка имаше во Александар Зунзуровски кој додаде 23 поени. Тандемот Шабани-Зунзуровски постигна речиси исто поени колку и целиот противнички тим заедно.

Далеку посериозен испит за македонската репрезентација следува веќе утре, кога ги очекува дуелот против Исланд во редовниот термин од 18:30 часот.