МЗТ Скопје донесе двајца Американци и Рикиќ од Еуро Никел

МЗТ Скопје крои планови за тоа како да ја одбрани двојната круна во домашното првенство и дефинитивно размислува што подобро да се прикаже во регионалните натпреварувања, па на ден „Илинден“, објави дека се договорени три големи засилувања за новата натпреварувачка сезона.

Раководството на „металците“ успеа да го договори хрватскиот „џин“ кој минатата сезона настапуваше одлично во Еуро Никел, извонредниот Роберт Рикиќ кој е висок 219 сантиметри. Покрај него, МЗТ објави соработка со двајца Американци, но соопшти дека е обновен и договорот на Кристијан Николов.

„Управата на МЗТ Скопје Аеродром изминатиот период го мина во интензивни преговори со поголем број квалитетни кошаркари со цел да се дојде до вистинските засилувања за новата сезона во која ќе ја браниме двојната круна на домашна сцена. Изборот падна на двајца Американци, Дастин Ваер (31 год, 183 см) и Хуан Дејвис (24 год, 203 см), еден добро познат хрватски интернационалец, Роберт Рикиќ (31 год, 219 см), додека обновен е и договорот со македонскиот репрезентативец Кристијан Николов (24 год, 187 см)“, велат од клубот.

Капитен на екипата останува Дамјан Стојановски, а договорни обврски со нашиот клуб имаат уште и Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Дамјан Робев. Со ова, најверојатно, засега ќе го заокружиме ростерот со напомена дека останатите четири места во тимот ќе бидат пополнети со играчи од нашата младинска школа, пред се од вториот тим, со цел најголемите таленти да добијат шанса да се натпреваруваат со најдобрите со кои располага МЗТ Скопје Аеродром.