Миленкоски: Подготовките течат според планот

Првата фаза од темпирањето на формата за ЕвроВолеј 2026 за машката репрезентација се одвива беспрекорно. Сениорите „избегаа“ од летните горештини и во одлична атмосфера и услови се подготвуваат во Крушево, каде според селекторот Јошко Миленкоски, сѐ тече според планот.

„Сѐ оди според планот! Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала“, објаснува селекторот Миленкоски и продолжува: „Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво.“

Сениорите до 15 август ќе бидат во Крушево, а потоа подготовките за ЕвроВолеј 2026 ќе ги продолжат во Скопје, каде ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“. Во втората фаза планирано е да се одиграат три контролни натпревари на почетокот на септември, непосредно пред заминувањето на ЕП во Софија.

Машката репрезентација на Македонија на четвртото континентално натпреварување во низа (од 9 до 26 септември) ќе биде дел од групата Б во Софија, каде ќе се соочи со организаторот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.

Делегацијата на 7 септември наутро патува за Софија, додека на 9 септември во 20 часот, против домаќинот Бугарија го отвора настапот на ЕвроВолеј 2026.