Милинковиќ Савиќ или Фабиан Руиз замена за повредениот Погба во Јуве

Пол Погба на големо се врати во Јувентус, но тешко се повреди уште пред неговото камбек деби во дресот на „старата дама“. Французинот го повреди коленото. Можеби ќе треба да оди на операција, а сигурно ќе има долга пауза поради која може да го пропушти Светското првенство во Катар.

Немаат многу време во Јувентус, за две недели почнува сезоната во Серија „А“, а „дупката“ создадена по повредата на Погба мора да се пополни.

Срамежливо се споменуваше доаѓањето на Сергеј Милинковиќ Савиќ, но Србинот во моментов е прескап за „црно-белите“, Лацио бара 70.000.000 евра кои „бјанконерите“ во моментов ги немаат.

Поевтина и реална опција на која Јуве се надева е играчот од средниот ред на Наполи, Фабијан Руиз. Италијанските медиуми пишуваат дека клубот од Торино ја подготвува првата официјална понуда за 26-годишниот Шпанец, чиј договор со „небесносините“ истекува следното лето.