Новицки: Не можам да одам од болки, можеби не требаше да играм толку долго

Легендата на Далас Маверикс и германската кошарка Дирк Новицки откри вознемирувачки детали за неговото здравје. Шампионот на НБА од 2011 година во интервју со фудбалската ѕвезда Тони Крос изјави дека има денови кога не може да се движи поради болки во стапалото. Како што е познато, Новицки е еден од играчите со најмногу сезони поминати во НБА – 21 година помеѓу 1998 и 2019 година.

„Враќајќи се назад, се прашувам дали требаше да ги одиграм моите последни две сезони во НБА. Можеби ако не ги одиграв, мојата нога немаше да ми прави такви проблеми сега. Ќе можам да шутнам топка со децата, што е невозможно во моментов. Моето стапало е во лоша состојба. Има денови кога не можам доволно да се движам поради болки. Не знам дали моите последни две години вредеа затоа што не постигнавме што било како тим. Ме тера да размислувам одвреме-навреме“, изјави Германецот.

Во последните две сезони, на кои Новицки се фокусираше во своето интервју, тимот не постигна никаков успех, па дури и не успеа да се пласира во плеј-офот. Во 2017/18 година тимот заврши со биланс од 24 победи и 58 порази, што пак му овозможи на тимот да ја добие сензацијата Лука Дончиќ од драфтот, а во 2018/19 година Маверикс заврши со скор од 33 победи и 49 порази.