Одбојкарската селекција У20 подготвена за Зонските квалификации

По ноќното патување женската репрезентација до 20 години од утринава е во Мостар, БиХ каде од утре до 23 август ќе игра во БВА Зонските квалификации за Европското првенство 2027. Кусо време за оддишка имаа одбојкарките и стручниот штаб, кои попладнево го одработија и официјалниот тренинг во салата „Бијели Бријег“ во пресрет на натпреварувањето.
„Добро поминавме по пат и сѐ е во ред. Најважно е дека сите сме здрави и дека екипата е комплетна. Имавме мал проблем со скочниот зглоб, ситна повреда кај Митиќ, но верувам дека и таа ќе биде подготвена за натпреварите. Одработивме квалитетни подготовки, имавме одлични услови во СЦ ‘Форца’ и трите контролни со сениорската репрезентација беа одлична можност за да се воиграме. Можам да најавам дека во Мостар сме дојдени по резултат, а не само да учествуваме. Нашата цел е пласман во следната фаза од квалификациите во јануари. Имаме добра селекција, буквално нијанси пресудија кои девојки ќе влезат во конечните 14 и поради тоа верувам дека без еуфорија и со мирен пристап и дисциплинирана игра може да ја оствариме целта“ – потенцира селекторот Деан Стојанов.
Македонија е дел од групата А, а турнирот го отвора на утре, на пладне, кога ќе се соочи со Романија. Ден подоцна, во второто коло од 14:30 часот игра со Белорусија, додека групната фаза девојките ја заокружуваат на 21 август, кога од 19:30 часот играат со домаќинот БиХ. Во групата Б се репрезентациите на Србија, Бугарија, Русија и Турција.