Откриено кога ќе се додели Златната топка

Златната топка ќе се додели на 29. ноември во Париз, откако минатата година не беше објавен победникот, објави списанието Франс фудбал, организаторот на оваа награда, која се доделува на најдобриот фудбалер на годината.

Церемонијата, која ќе ја претстави Дидие Дрогба, ќе се одржи на театарот Шателет, во понеделник, 29 ноември, во 20.30 часот. Таму ќе биде доделена Златната топка за мажи и жени, како и трофејот Копа за најдобар млад играч и трофејот Јашин за најдобар голман.

Списокот на номинирани за овие различни награди ќе биде објавен наредниот петок, најавија организаторите.

Лионел Меси, кој е шесткратен добитник, и Меган Рапино ја освоија Златната топка во 2019. година, а потоа следната година наградата не беше доделена по сезона обележана со пандемијата „КОВИД-19“.