Охриѓани ги започнаа подготовките за новата сезона

Ракометниот клуб Охрид со тренинг и состанок официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона во Супер лигата.

„Гладијаторите“ деветтата сезона во суперлигашкото друштво ќе ја започнат со мали измени но значајни измени во ростерот. Нови ракометари се Алекса Петровиќ (десен бек), Мице Шилегов (десно крило), Филип Грубор (пивот) и Никола Ристески кој е приклучен од младинските категории. Ростерот ќе биде затворен со голман кој ќе му прави друштво на Јагош Брауновиќ.

„Најпрво да ви посакам добро здравје, а потоа добра и успешна сезона со РК Охрид. Ќе одиме чекор по чекор, ќе работиме по план и програма, опфаќајќи ги сите сегменти“, им се обрати на ракометарите тренерот Раде Стојановиќ.

Стојановиќ рече дека екипата ќе одигра пет или шест контролни средби со македонски екипи. Ако испадне прилика клубот ќе отпатува на некое гостување каде ќе се одигра двомеч со екипа од странство.