Прва победа на Скопје, Арсими поразен во Автокоманда

Во директен дуел на екипите од долниот дел на табелата во рамки на 14. коло, екипата на Скопје ја запиша првата победа оваа сезона во Првата лига откако на домашен терен во Автокоманда славеше над Арсими со 2-1. Со овој триумф, избраниците на Иван Варадиновски ставија крај на негативната серија и освоија значајни три бода во трката за опстанок.

​Натпреварот започна со отворена игра од двете страни, но без поголеми возбудувања во воведните минути. Првата посериозна закана пристигна дури во 30. минута, кога Гаје се обиде да го совлада Наумовски, чуварот на мрежата на домашните беше на висина на задачата, а веднаш потоа фудбалерот на Арсими ја погоди и стативата.

​Казната за неискористените шанси на гостите стигна во 41. минута. Брдаровски испрати прецизен центаршут, а Гордиќ со силен удар со глава го матираше противничкиот голман за водство на Скопје од 1-0 на полувреме.

​На стартот од вториот дел, домаќините ја зголемија предноста. Во 52. минута Гордиќ направи пробив по левата страна и ја проследи топката до Гроздановски, кој биеше, а топката закачи во Зука, го промени правецот и заврши во мрежата за 2-0.

​Во 68. минута Гордиќ пропушти одлична можност да го потврди триумфот со втор погодок, што веднаш беше казнето на спротивната страна. Само миг подоцна, нововлезениот Мустафа успеа да му избега на Брдаровски и по нафрлувањето на Рамадани со удар со глава намали на 2-1. Арсими до крајот се обиде да дојде до израмнување, но домашната одбрана издржа и бодовите останаа во Автокоманда.