Реми без голови во борбениот дуел меѓу Арсими и Скопје

Во рамките на петтото коло од домашното првенство, екипите на Арсими и Скопје на дуелот во Гостивар не успеаа да ја затресат мрежата на противникот и на крајот освоија по еден бод.
Екипата од Гостивар доминираше во првото полувреме од натпреварот, создавајќи неколку шанси за гол. Меѓу нив се издвојуваат ударите на капитенот Албин Рамадани и Лорик Каба Јакупи . Најдобрата шанса во овој дел ја имаше Рамадани, кој во 14-тата минута го измами противничкиот одбранбен играч и ја испрати топката кон голманот Николовски, но таа заврши само неколку сантиметри покрај дирекот.
Од друга страна, гостите се заканија сериозно само еднаш од далечина, но домашниот голман интервенираше успешно и ја расчисти опасноста.
Во вториот дел, Скопје беше поопасен и имаше неколку полушанси, обидувајќи се да го искористи секој момент на невнимание кај домаќините. Арсими повторно беше блиску до голот во 64-тата минута, кога во главна улога се појави Албин Рамадани, кој упати силен удар од далечина, но ветеранот Николовски ја спаси гостинската мрежа.
Четири минути подоцна, закана упати и Диего Контрерас, но топката заврши над голот. Во финишот, Ангелов можеше да ги казни домаќините, но неговиот удар го одбрани домашниот голман Сиљановски.
На крајот, иако Арсими беше тимот кој се обидуваше да дојде до победа, не успеа да освои три бода. Од друга страна, екипата на Скопје oстана непоразена, освојувајќи значаен бод од тешкото гостување во Гостивар.