Русија и Белорусија нема да настапат на големите пливачки приредби

Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) ги исфрли руските и белоруските пливачи од Светското првенство поради воената интервенција на Русија во Украина.

ФИНА досега дозволуваше руски и белоруски спортисти да учествуваат како неутрални, без државни симболи, но ја смени одлуката.

„По независна проценка на ризикот, бирото на ФИНА се состана денеска и потврди дека спортистите и официјалните лица од Русија и Белорусија нема да учествуваат (на Светското првенство)“, се вели во соопштението на ФИНА.

Светското првенство во пливање, нуркање, ватерполо и уметничко пливање ќе се одржи во јуни и јули во Унгарија.

Репрезентациите на Германија и Швајцарија неодамна навестија дека можат да го бојкотираат натпреварувањето доколку на Русија и биде дозволено учество.