Само вакцинирани судии ќе водат натпревари во НБА лигата

НБА лигата објави дека е постигнат договор со асоцијацијата на НБА судии, и ќе бара сите судии кои ќе делат правда на натпреварите од најсилната кошаркарска лига на светот, задолжително да бидат вакцинирани со вакцина против Ковид-19. Исклучок може да се направи само ако некој судија од медицински или религиозни причини не смее да се вакцинира.

Судии кои нема да сакаат да се вакцинираат, нема да може да судат во НБА.

Со ова, се зголемува листата на лица од кои НБА бара да бидат вакцинирани. Вакцини им се потребни и на тренерите, лекарските тимови, обезбедувањето во салите, тимовите за комуникација, раководни луѓе од клубовите. Мајами хит и Сакраменто кингс побараа од сите вработени да се вакцинираат, а некои клубови од публиката ќе бараат доказ за вакцинација при влез во нивната арена.