Скопје извлече големо реми со Струга Трим Лум

Скопје го освои првиот бод по враќањето во елитата, откако одигра 1-1 против Струга Трим Лум на натпреварот кој се одигра на комплексот на ФФМ. Стружани важеа за фаворити, меѓутоа домаќинот со пожртвувана игра успеа да стигне до реми.

Струга Трим Лум имаше иницијатива и поголем број изгледни шанси, но не успеа тоа да го материјализира.

Меметриза Хамза се закани од слободен удар во осмата минута, но шутираше над голот. Стружани потоа се обидоа и преку Бојку и Малески, но Кристијан Наумовски лесно ги скроти тие удари.

Во 30.минута убава шанса имаше и Арби Воша. Шутираше од 12 метри по центаршутот од десната страна, но Наумовски повторно беше одличен на голот на Скопје.

Струга Трим Лум поведе во 55.минута. Брз противнапад изведоа стружани, Христијан Малески излезе сам пред голманот Кристијан Наумовски и ја погоди мрежата.

Во 63.минута, Буњамин Шабани постигна гол, но по подолга проверка со ВАР технологијата беше утврдена офсајд позиција во текот на акцијата.

Во 71.минута, ФК Скопје успеа да дојде до израмнување. Нововлезениот напаѓач Омар Беровиќ упати силен удар со глава по нафрлувањето од десната страна и ја затресе мрежата на гостите.

Во финишот, Христијан Малески пропушти можност да донесе триумф за Струга Трим Лум откако беше непрецизен од изгледна позиција.