Со пораз до прво место, целта остварена!

На последниот натпревар на турнирот во Скопје, дел од „Ф“ претквалификациската група за пласман на Светскиот Куп 2023, Македонија и Словачка го одиграа најефикасниот меч на турнирот. Словачка победи заслужено, но имавме доволна залиха да го одбраниме првото место во оваа конкуренција кое води кон планираната цел – настап во квалификациите за Светскиот куп во 2023. година.

„Оставивме лош впечаток за крај. Но, би сакал да им честитам на момците, ја остваривме целта, први одиме во квалификациите за СП 2023. На стартот никој не веруваше дека можеме да ја минеме оваа фаза, посебно по поразот од Швајцарија и најголемите оптимисти кренаа раце од нас. Но, јас им кажав на сите дека ќе работиме чесно, и чесно ќе се вратиме. Уште еднаш, честитки до сите, благодарност до претседателот Перо Антиќ за довербата.

Што се однесува до мечот, тешко е психолошки да го подготвиш тимот за меч за кој знаеш дека можеш да загубиш 20 разкика, а пак да си прв. На овој турнир имавме добра одбрана, но на овој натпревар потфрливме. Немавме однос на терен како на претходните мечеви.

Ова е историски за македонската кошарка, да се играат квалификации за СП 2023. Ние според некое мое видување останавме без девет играчи во ростерот. Мора малку време и простор да се види кој од оние сите играчи кои не ни помогнаа сега, ќе можат да помогнат после. Доаѓа европската елита, сакам да им дадам шанса на сите и на помладите играчи кои во следните години треба да бидат со репрезентацијата“, изјави селекторот Драган Бајиќ.