Струшкиот турнир спремен за уште едно издание

На отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, од 12 до 15 август, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Првото издание турнирот го имаше во 1973 година.

  • Турнирот во Струга е со најголема ракометна традиција во Македонија и е препознаен и во регионот. Настапиле голем број познати имиња, биле исто така познати тренери, ракометни великани. Струга е место каде се раѓаат нови амбиции. Клубовите најчесто да проверуваат формата токму на турнирот во Струга. Турнирот секогаш бил во служба на ракометот. Веруваме дека и годинава ќе има квалитетни натпревари, полни со неизвесност, спортски дух и нешто што ќе се памети, истакна членот на Организацискиот одбор, Милчо Чакарески.

На прес конференцијата се обрати и министерот за спорт, Борко Ристовски:

  • Ние како Влада и Министерство за спорт секогаш сме тука да помогнеме нешто што има голема традиција, како што е овој турнир. Струшкиот турнир претставува историја за спортот и за ракометот, историја на Струга и на Македонија. Пофалби и за новата управа клубот за сите напори што ги направи за организацијата на клубот. Во план е во следниот период и да се направи и реконструкција на игралиштето (се игра на отворено).

Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Влатко Тасевски, уште еднаш ја потврди поддршката на Федерацијата кон овој традиционален ракометен настан.

  • Ракометната федерација на Македонија континуирано дава максимална поддршка на ракометните клубови, како и на сите проекти и спортски манифестации кои придонесуваат за развојот, афирмацијата и промоцијата на македонскиот ракомет.

Повратникот во редовите на РК Струга и капитен на екипата, Марио Танкоски ја потенцираше важноста на турнриот за новиот состав.

  • За нас најважно ќе биде добро да се воиграме. Тешко е да се каже дека ќе бидеме конкурентни за освојување на турнирот, пред сè бидејќи има и други поквалитетни екипи.

На турнирот ќе настапат шест екипи поделени во две групи: Вардар, Бутел Скопје и Прилеп (група А), Струга, Охрид и Дубочица Лесковац (група Б).

Од среда до петок ќе се играат натпреварите од групите (по два на ден), а на 15.август (сабота) ќе се играат натпреварите за пласман.

Пехарот го брани екипата на Охрид.