УЕФА ја објави казната за хомофобичните скандирања во Унгарија

УЕФА му изрече казна на Унгарскиот фудбалски сојуз за непримерното однесување на навивачите на натпреварите од Европското првенство, а согласно истата, унгарската репрезентација наредните три натпревари ќе мора да ги игра пред празни трибини.

Од споменатите натпревари, третиот е предмет на условна казна која ќе биде активирана доколку унгарските навивачи го повторат овој прекршок во следните две години, се наведува во соопштението на УЕФА.

Исто така, одредена е и парична казна во износ од сто илјади евра. И двете казни се однесуваат на натпреварите од ЕУРО на кои Унгарија беше домаќин на Португалија и Франција во Будимпешта.

Истрагата беше започната по наводните летоци со хомофобни и дискриминирачки содржини, односно скандирањата на натпреварот со Франција, кои воглавно се јавуваа кога во посед на топката беше Килијан Мбапе.

На мета на унгарските навивачи се најде и Карим Бензема, а навредливи пораки доби и капитенот на Португалија, Кристијано Роналдо.