ФИФА ќе воведе полуавтоматски офсајд на СП во Катар

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) објави дека на Светското првенство во Катар годинава ќе се користи полуавтоматска офсајд технологија, таканаречената SAOT.

Според ФИФА, оваа технологија има за цел да ги забрза и да ги направи судиските одлуки посигурни.

Полуавтоматската офсајд технологија, тестирана на два натпревара, овозможува во секое време да се одреди позицијата на играчот и топката, со што се олеснува откривањето на недозволена позиција.

За време на Светското првенство во Катар, новата технологија ќе користи 12 камери кои ќе бидат поставени под покривот на стадионот. Тие камери ќе лоцираат 29 точки на телото на секој играч 50 пати во секунда, пресметувајќи ја нивната точна позиција на теренот.

Исто така, во внатрешноста на топката ќе биде поставен сензор кој ќе испраќа податоци до оперативната соба 500 пати во секунда.