Челзи е подготвен да издвои 125 милиони евра за Енцо Фернандез

Португалските медиуми пренесуваат дека водечките луѓе на Челзи започнаа преговори со Бенфика околу трансфер на Аргентинецот Енцо Фернандез.

Клубот од „Стенфорд Бриџ“ уште на почетокот од годината проба да го ангажира Фернандез, меѓутоа Бенфика не сакаше да прифати продажба на фудбалерот за износ помал од 120 милиони евра.

Медиумите потсетуваат дека Челзи веќе потроши околу 300 милиони евра за нови фудбалери во овој зимски преоден рок, но клубот од Лондон не се откажува од Фернандез кој неодамна со Аргентина ја освои светската титула на Мундијалот во Катар.

Според информациите од Португалија, веќе се започнати нови преговори помеѓу Бенфика и Челзи, и ако трансферот биде договорен, тогаш лондонскиот премиерлигаш за услугите на Енцо Фернандез ќе издвои најмалку 125 милиони евра. Тоа би бил најголем трансфер во историјата на Премиер лигата, а рекордот го држи Џек Грилиш кој од Астон Вила прејде во Манчестер Сити за 117,5 милиони евра.