Шест натпревари доволни за историја на Мурињо и Рома

Историското прво коло од Конференциската лига донесе уверлива победа на Рома на Олимпико против ЦСКА Софија. Натпреварот заврши со резултат 5:1 за домашната екипа.

Натпреварот во Рим започна со неочекувано водство на гостите, но Рома до крајот постигна пет погодоци и лесно дојде до првите бодови. Два гола постигна Лоренцо Пелегрини, а по еден Ел Шарави, Манчини и Абрахам.

Уверливата победа не го натера тренерот на екипата Жозе Мурињо на пофални зборови. Тој истакна дека не му се допадна тоа како неговите играчи играа на тој натпревар, дека не беше квалитетен натпревар и воопшто не беше задоволен.

Сепак, оваа победа значеше место за Мурињо во клупската историја на Рома.

Само трет пат од основањето на клубот во 1927. година, Рома запиша шест победи во првите шест натпревари од сезоната. Досега тоа го направи само два пати, под водство на Руди Гарсија во сезоните 2013/14 и 2014/15.