Полемичен дуел во Скопје, Вардар минимално го совлада Башкими

Есенскиот шампион во ПМФЛ, екипата на Вардар, и по три одиграни пролетни кола останува лидер на табелата. Денес „црвено-црните“ на домашен терен, на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје, го совладаа Башкими со минимални 1-0, со голот на Стефан Цветковиќ, кој пролетва се покажа како вистинско засилување за Вардар.

Вардар одлично го започна натпреварот и постигна гол уште по две минути игра, но истиот беше поништен поради офсајд. Од друга страна, Башкими покажа дека не е дојден само да се брани во Скопје, туку дека има јасен план преку контранапади да се закани кон противничкиот гол. По шансите на Омерагиќ, Данев и Закариќ, гостите имаа два обида кои лесно можеа да се претворат во стопроцентни шанси. Дарко Велковски ја отстрани првата со одлична интервенција, додека при втората напаѓачите на кумановци не беа на висина на задачата.

Во последната минута од првото полувреме, зимското засилување на Вардар, Стефан Цветковиќ, повторно се запиша во листата на стрелци и му донесе водство на домаќинот пред паузата.

Во второто полувреме Вардар продолжи офанзивно, со серија напади и удари кон голот. Димитар Тодоровски искористи една одбиена топка на работ од шеснаесетникот и шутираше со својата посилна лева нога. Јашар остана закован на гол-линијата, но топката наместо во мрежата заврши во дирекот и се одби назад во поле.

Следуваше и одличен удар со глава на Азер Омерагиќ, кој беше запрен со уште подобра интервенција на голманот на Башкими, Амир Јашар.

До крајот на натпреварот, освен еден слободен удар за Башкими, немаше посериозни закани пред двата гола.

Вардар останува на првата позиција со 51 бод по 19 одиграни кола.