Војна со соопштенија пред реваншот: Валверде ќе игра, Бенфика не отстапува од Престиани

Дуел меѓу играчите на Реал Мадрид и Бенфика

Додека Бернабеу се подготвува за реваншот од Лигата на шампионите, “војната“ меѓу Реал Мадрид и Бенфика продолжува да се води во дисциплинските канцеларии на УЕФА. По хаотичниот прв натпревар во Лисабон, каде „Кралевите“ славеа со 1:0, европската куќа на фудбалот донесе две клучни одлуки кои значително го менуваат контекстот на претстојниот дуел.

Реал Мадрид доби големо засилување пред утрешниот меч откако УЕФА официјално ја отфрли жалбата на Бенфика против Феде Валверде. Португалскиот гигант поднесе формално барање за казна, тврдејќи дека Уругваецот направил прекршок за „чист црвен картон“ врз Самуел Дал, кој помина несанкционирано од судиите.

И покрај инсистирањето на лисабонскиот клуб дека видео-снимките покажуваат јасна агресија, Дисциплинската комисија одлучи да не покренува постапка. Од Бенфика не го криеја револтот преку официјално соопштение. „Според наше мислење, ова беше ситуација вредна за исклучување која без никакво сомневање не беше санкционирана за време на натпреварот“.

Од друга страна, младиот крилен напаѓач на Бенфика, Џанлука Престиани, се соочува со привремена суспензија поради наводи за расистички навреди упатени кон Винициус Жуниор. Иако истрагата за инцидентот на Луж сè уште трае, на младиот Аргентинец му е забранет настап на реваншот.

Сепак, во знак на пркос и солидарност, Престиани денес допатува во Мадрид заедно со тимот. Иако Бенфика веднаш поднесе жалба со надеж за последовно поништување на казната, неговото присуство е пред сè за морална поддршка на соиграчите од трибините.

Претседателот на Бенфика, Руи Кошта, застана во цврста одбрана на 20-годишниот фудбалер, категорично отфрлајќи ги обвинувањата за расизам кои го фрлија во сенка овој двомеч. Пред летот за Шпанија, легендарниот Кошта јасно ја истакна довербата во карактерот на својот играч.

„Го нарекуваат Престиани расист, но тој е сè само не тоа. Можам да гарантирам за него“, изјави Кошта. Тој додаде дека неговата поддршка се заснова на познавањето на сопствената соблекувална: „Не можам точно да знам што е кажано во афект, но ние веруваме на зборот на Престиани. На крајот на краиштата, ние најдобро знаеме какви луѓе имаме во нашиот клуб“.

Додека „Орлите“ ќе се обидат да го надополнат дефицитот без суспендираниот Жозе Мурињо на клупата, психолошката војна во Мадрид достигнува кулминација.