Салата во Градски парк ќе го носи името на Лазар Лечиќ

Салата „Работнички“ беше целосно реконструирана и вчера официјално беше пуштена во употреба, а во пресрет на првиот натпревар кој ќе се одигра во домот на „центарци“, градоначалникот на Општина Центар излезе со важна напомена и најава за јавноста.

Реновираниот „Градски парк“ во петок ќе биде свечено отворен со натпреварот меѓу Македонија и Луксембург во претквалификациите за Европско првенство, но во најскоро можно време, кошаркарскиот храм ќе добие ново име.

По предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, а по барање и иницијатива на ветераните на КК Работнички, ќе биде предложено до советот реконстуираната сала да го носи името на Лазар Лечиќ, легендата на македонската кошарка.

„Салата „Работнички“ ќе го носи името на Лазар Лечиќ. Со голема чест ќе предложам пред Советот целосно реконструираната спортска сала „Работнички“ да го носи името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ. Иницијативата доаѓа од ветераните на КК Работнички и спортската јавност, како логично продолжение на традицијата и духот на клубот.

Горд сум на тоа како е реализиран овој проект. Денес имаме целосно нова сала – од кров, осветлување и вентилација, до модерен паркет, нови санитарии и уредени канцеларии за спортските федерации. Салата е обновена од корен и подготвена за нови спортски успеси. Во петок не очекува и првиот официјален натпревар, кога македонската кошаркарска репрезентација ќе игра против селекцијата на Луксембург. Продолжуваме да инвестираме во спортот и да оддаваме почит на оние што ја создаваа неговата историја“, порача Герасимовски.