Петок е денот на одлука: Ждрепката во ЛШ ветува фудбалски земјотрес

Играчите на ПСЖ

Возбудата во европскиот фудбал достигнува точка на вриење додека најдобрите клубови на континентот ги бројат часовите до официјалната церемонија во петок. Нокаут-фазата од Лигата на шампионите секогаш носи посебна магија, но овојпат, специфичните „или-или“ сценарија навестуваат вистински фудбалски земјотрес. Додека гигантите ги калкулираат своите шанси, јасно е само едно: патот до финалето ќе биде поплочен со тактички надмудрувања и историски ривалства.

Главниот фокус на фудбалската јавност е насочен кон „кралевите“ од Мадрид. Најтрофејниот европски клуб, Реал Мадрид, во пресрет на ждрепката стравува од нова епска пресметка со моќниот Манчестер Сити, иако ниту опцијата со секогаш незгодниот Спортинг не е за потценување. Доколку се паднат со „Граѓаните“, тоа би било „финале пред финалето“: судир на тактичката машинерија на Гвардиола против „супер тимот“ на Арбелоа.

Истовремено, ПСЖ и Барселона би можеле да испишат ново поглавје во нивното бурно европско ривалство. Доколку парижаните ја избегнат Барса, ги чека младиот и амбициозен тим на Челси, кој по секоја цена сака да се врати на врвот. За Луис Енрике, враќањето во Каталонија би било емотивно патување, додека патот за Лондон ќе биде вистински тест за физичката подготвеност на неговиот тим.

Средниот ешалон на ждрепката нуди фасцинантни пресметки. Турскиот гигант Галатасарај, потпирајќи се на пеколната атмосфера во Истанбул, ќе налета на еден од англиските претставници: Ливерпул или Тотенхем. Високиот интензитет на екипите од Премиер лигата ќе биде ставен на тест пред фанатичните навивачи на Гала.

Интересно ќе биде и кај Аталанта. Тимот од Бергамо го чека или германската офанзивна бура на Баерн Минхен, или одбранбениот ѕид на Арсенал. Во иста ситуација е и Баер Леверкузен.

Приказната ја надополнуваат Бодо/Глимт и Њукасл, кои во оваа фаза влегуваат како „црни коњи“. „Страчките“ ги чека пеколно тешка задача против Барселона или Челси, каде што „Сент Џејмс Парк“ ќе мора да биде погласен од кога било.

Од друга страна, норвешкото изненадување Бодо/Глимт, свежи по дуплата победа над Интер се спремаат да се соочат или со Манчестер Сити или со Спортинг. Тие веќе го шокираа фудбалскиот свет оваа сезона со победа над „Граѓаните“ на Гвардиола, докажувајќи дека нивниот систем е функционален и против најскапите тимови во светот. Без разлика дали патот во петок ќе ги однесе повторно кон Сити или пак кон лисабонски Спортинг, суровите климатски услови во Норвешка и нивната тактичка храброст се нешто што никој од противниците не го посакува. Сите погледи сега се вперени кон ждрепката, каде теоретските калкулации конечно ќе станат реалност.