Пелистер западна во голема криза, загуби дома од Струга Трим Лум

Иако играа мотивирано и имаа шанси, битолчани не успеаја да ја конвертираат повремената теренска надмоќ во погодок, а потоа кога нивното темпо опадна, Струга безмилосно ги казни. Пелистер започна агресивно и преку Мирко Ивановски како најистурен играч се обиде да направи ран притисок. Таквиот пристап ја донесе првата шанса токму кога центарфорот на битолчани беше соборен во расчекор додека ја минуваше линијата на шеснаесетникот, но главниот судија Влатко Илиоски немаше храброст да покаже на белата точка. Слободниот удар го изведе Србијанац, но таа топка погоди во глава еден од играчите во живиот ѕид и не донесе натамошна опасност по голот на домашните.

Во 13. минута по левата страна Керим поведе напад на Пелистер, го пронајде Ивановски, но овој оцени дека не може да бие и со глава ја врати топката кон помладите соиграчи кои не ја прочитаа неговата инстинктивна реакција, па одбраната на Струга ТЛ ја расчисти опасноста.

Струга ТЛ делуваше мошне неорганизирано во своите додавања, па наместо вистинска акција видовме неколку соло обиди од нивни играчи. Во 22 минута Ласана Дијако биепе од 25 метри, а Јовчевски беше на своето место, но не успеаја сосема да ја скроти топката која минимално отскокна пред него, доволно за Компаоре да се обиде да ја шутне, но успеа само да го повреди голманот на битолчани. Судијата Илиоски оцени дека не треба да покаже картон за ваквиот старт во казнениот простор каде што голманот е неприкосновен. Гостите полека ја преземаа иницијативата и се обидуваа да создава шанси на половината на противникот, но видовме само некои обиди за удари кон голот на Јовчевски, најпрвин од Шабани кој се посрамоти, а потоа и од Радевски кој барем успеа да ја погоди топката иако таа отиде далеку од голот.

Во последните 15 минути од првиот дел имаше чести прекини, но обидите за тресење дојдоа во контранападите. Во 31 минута Ивановски беше во центарот на транзицијата на противничката половина, избра во празно да го проигра Керим, но овој втрча во шеснаесетникот без да успее да ја внесе и топката, па откако се врати чекор назад, веќе беше опколен од противничките дефанзивци. Воша ги предводеше нападите на Струга ТЛ по десната страна, а најдобриот потег го направи во 45 минута кога наместо да ги бара Бојку или Компаоре, успеа во казнетиот простор да го пронајде Марјан Радевски.Тој пак во манир на искусен голгетер со глава ја погоди мрежата на Пелистер, доминирајќи преку Христијан Стојановски, кој можеби очекуваше прекршок,но веќе претходно во повеќе случаи се виде дека судијата Илиоски толерираше погруба игра.

Тренерот на Пелистер, Милан Стојаноски направи три измени на стартот од вториот дел, но не успеа веднаш да ја врати иницијативата кај битолскиот тим.

Во 60 минута по стартот над Бошковски, нововлезениот Булатовиќ се обиде да нафрли од левата страна, но всушност одбиената топка послужи за контранапад, при што на крајот при една несмасна интервенција на повеќе играчи од одбраната на домашните, Радевски од десно ја погоди стативата. Можеби тој момент беше повик за будење, па Пелистер во следниот напад се избори за корнер по шутот на Ивановски кој можеше да довде до ефектен автогол. По корнерот, мрежата на Анџелети беше затресена, но судијата го поништи голот по рекламација на помошниот судија, а потоа и проверката од ВАР собата ја потврди таа одлука.

Во 73. минута Ристевски од десната страна упати добар центаршут, а Петковски се најде во ситуација да шутира, но Анџелети реагираше и ја одбрани најдобро изработената шанса на Пелистер.

Два одлични контранапади донесоа возбуда во 75. минута по промените кои ги направи Бленди Шкемби, при што во првата ситуација нововлезенот Малески имаше шанса за Струга ТЛ, додека на спротивната страна Бошковски и Петковски се обидоа, но не успеаја да го надмудрат Анџелети. Струга ТЛ беше физички доминантна во финишот, лесно се пробиваа на противничката половина. Компаоре се проби по десната страна во 79. минута, брутално го фаулираше Стефан Спироски, влезе во шеснаесетникот и постигна гол. Додека играчите на гостите се радуваа, повторно беше потребна реакција од ВАР собата и поништување на она што не го виде Влатко Илиоски.

Конечниот резултат беше постигнат во 87. минута кога Малески ја поведе акцијата на гостинскиот тим по средината, го проигра Јефтовски во лево кој велезе во шеснаесетникот па ја врати топката до Малески, кој рутинирано реализираше без чувар крај себе.

До крајот Малески имаше уште една шанса за погодок, но биеше над голот. Пелистер останува без постигнат гол на трета средба по ред, а со тоа и на 23 бода кои му го носат десеттото место на табелата.